Во последната деценија урбаните пејсажи на македонските градови се менуваат со невидена брзина.
Секоја слободна парцела, без разлика дали се наоѓа во строгиот центар или на периферијата, станува место за нова зграда.
Блескави фасади, луксузни лифтови, модерен дизајн и ветувања за „елитно домување“ – сето тоа звучи примамливо.
Но, прашањето што сѐ почесто го поставуваат граѓаните е: дали зад сето тоа се крие квалитетна градба или само добро нашминкана фасада?
Архитектите со коишто разговаравме на оваа тема велат дека има реална причина за загриженост.
„Градбите што во последните години никнуваат како печурки по дожд имаат сличен проблем – фокусот е ставен на изгледот, но не и на структурниот интегритет. Малкумина се интересираат за тоа што се користи внатре – арматура, изолација, звучна заштита, издржливост на бетон“, коментираат архитектите.
Најчести поплаки од новите станари се однесуваат на влага во ѕидовите, пукнатини по неколку месеци од вселувањето, слаба звучна изолација, лошо изведени инсталации и неквалитетни материјали.
Дел од нив дури и плаќаат дополнително за да ги довршат становите, иако ги купиле како „клуч на рака“.
Станарот Петар Илиевски од населбата Лисиче во Скопје сведочи:
„Кога ја видовме зградата, изгледаше како од каталог. По три месеци почнаа да пукаат ѕидовите. Водата од горниот кат ни тече по инсталациите. А кога се пожаливме, инвеститорот не одговараше ниту на повици, ниту на пораки“.
Од друга страна, претставници на Здружението на инвеститори за Денар брифираат дека не може и не треба да се генерализира.
„Има фирми што навистина вложуваат во квалитет, но има и такви што штедат на сѐ. Пазарот треба да биде филтерот. Доколку има контрола и казни, нема да се дозволи ниту една слаба зграда да се продаде“, вели нашиот соговорник.
Инспекциските служби, пак, според нашите извори, често немаат капацитет за навремено и темелно следење на секој градежен објект. Иако постојат прописи за градежни стандарди, нивната примена честопати зависи од волјата на инвеститорот и коруптивниот потенцијал на теренот.
Во целата приказна најмногу губат граѓаните – вложуваат животна заштеда во недвижност што може да стане проблем, наместо дом.
Затоа, стручњаците советуваат: не судете по фасадата. Барајте детални информации, техничка документација, побарајте мислења од станари во претходни згради на истиот инвеститор, и никогаш не потпишувајте договори без правна консултација.
Зашеметени од блесокот на новото, често забораваме дека вистинскиот квалитет не се гледа – се чувствува кога живееш во него. А фасадата, колку и да е модерна, не го држи покривот над главата.
Б.З.М.