1 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈА1-ви Мај: Ден на скарата или Ден на трудот?

1-ви Мај: Ден на скарата или Ден на трудот?

За едни обичен слободен ден, за други празник посветен на излет и на скара. 1 Мај се помалку се доживува како ден на трудот. Сепак, ССМ денот на работникот Први мај ќе го одбележат со протест. Не на скара, туку на протест. За повисоки плати, за подобар статус на македонскиот рабоптник, против експлоатацијата на работните места. Од ССМ ги повикуваат сите работници на Први мај да протестираат и да го кренат гласот.

Од ССМ велат дека работничкото движење во Македонија е исправено пред сериозен предизвик поради односот на креаторите на политиките, кои во последните неколку години водат грижа исклучиво за себе и за своите интереси, а не водат грижа за работниците, работничките права и работничките интереси.

„Сведоци сме дека денеска, за креаторите на политиките е најважно да ги зачуваат нивните енормно покачени плати сега веќе за 79%, а од друга страна, дел од работниците во јавниот сектор не добија усогласување на нивните плати со порастот на просечната плата согласно општиот колективен договор за јавниот сектор, не го прифатија барањето на ССМ за зголемување на минималната плата за дополнителни 6.000 денари со зголемување и на останатите плати за истата вредност“, велат од ССМ.

Денот на трудот се празнува повеќе од еден век

Денот на трудот се празнува на првиот ден од мај во знак на почит кон жртвите од штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 во Чикаго. Целта на првомајските демонстрации во Чикаго била да се издејствува воведување осумчасовен работен ден, но полицијата употребила сила и имало жртви. Организаторите на штрајкот биле изведени на суд, а четворица од нив биле погубени. Три години по настаните во Чикаго, на првиот Конгрес на Втората интернационала што се одржала во Париз во 1889 година, е решено секоја година на 1 мај, во сеќавање на чикашките работници, да се одржуваат масовни демонстрации.

Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот, пред сè во комунистичките и бившите комунистички земји. И во Република Македонија, Меѓународниот ден на трудот има статус на празник. До 2006-та се празнуваше два дена, на 1 и на 2 мај.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП