Овој луксузен седан ќе се нуди во целосно електрични верзии и како електрично возило со проширување на опсегот.
„Huawei“ го претстави „Maextro S800“ минатата година, а сега за прв пат го открива својот ултра-луксузен ентериер.
Не е изненадувачки што дизајнот е силно инспириран од моделите на „Mercedes-Maybach“ и „Rolls-Royce“.

Возачот седи зад елегантен двобоен волан и гледа во „лебдечки“ екран кој многу наликува на „MBUX Hyperscreen“ на „Mercedes“.
Точните димензии не се дадени, но за споредба, „Mercedes EQS“ има 12,3-инчен дигитален инструмент табла, 17,7-инчен инфозабавен систем и 12,3-инчен екран за совозачот – сите поврзани во една единица.

Дизајнерските елементи на „Mercedes“ се забележливи и на други места. Металните решетки на звучниците го имитираат системот „Burmester“, а вратите имаат контроли за прилагодување на седиштата, во стилот на оние што се наоѓаат во возилата на „Mercedes“.
Покрај тоа, тука се и дигиталните екрани кои (во комбинација со надворешните камери) ги заменуваат класичните ретровизори, потоа два безжични полначи за телефони и дрвени влошки на централната конзола.
Дизајнерите додадоа и елегантен ротирачки бројчаник, како и метални детали, а клиентите ќе уживаат во луксузната комбинација од кожа и велур материјали.

Сепак, вистинската ѕвезда на ентериерот е просторот за задните патници. Постојат две одделни седишта со електрично подесување и потпирач за нозе.
Совозачкото седиште може да се помести напред за да се создаде уште повеќе простор за удобно патување.

Седиштата се одделени со елегантна конзола од кожа и дрво која содржи преклопни маси на извлекување, држач за чаши за шампањ и фиока. Се очекува и фрижидер, како и систем за забава за патниците на задните седишта.
Над патниците се наоѓа покрив со „ѕвездено“ осветлување, моделиран по „Rolls-Royce“, а вратите имаат екрани слични на оние во седумката на „BMW“.

Овој луксузен модел ќе биде лансиран подоцна оваа година и има должина од 5.480 mm, со меѓуоскино растојание од 3.370 mm.
Ова го прави „Maextro S800“ 10 mm подолг од „Mercedes-Maybach S-Class“, но со меѓуоскино растојание кое е 25 mm пократко.
Според информациите од „CarNewsChina“, „Maextro S800“ ќе биде достапен со електричен погонски склоп кој користи батерија од 94,4 kWh, што треба да овозможи опсег од 670 км и 702 км според кинескиот стандард „CLTC“.

Планирана е и верзија со продолжен дострел, со помала батерија од 63,3 kWh, која ќе понуди дострел од 258 до 311 километри само во електричен режим.
Почетната цена наводно е еден милион јуани, или околу 120.000 евра. Тоа е доста добра зделка во споредба со цената на „Mercedes-Maybach S480“ во Кина, која започнува од 1,48 милиони јуани (околу 180.000 евра).