Во светот, даночните олеснувања за странски туристи, попознати како “Tax Free” шопинг, претставуваат стандардна пракса. Речиси сите земји што сериозно ја сфаќаат својата туристичка индустрија им овозможуваат на странците да си го вратат платениот данок на додадена вредност (ДДВ) при купување стоки што ги изнесуваат надвор од земјата.
Македонија, за жал, е исклучок од ова правило. И тоа не е само административен пропуст, туку сериозен економски проблем кој ги засега и трговците и економијата во целина.
Како функционира “Tax Free” моделот?
Кога странски турист купува стока во странство, има право да побара враќање на ДДВ доколку стоката ја изнесе надвор од земјата. На овој начин, цената на производот станува поатрактивна за купувачите, што директно го стимулира прометот и продажбата.
Кој сè ќе профитира од “Tax Free” моделот?
Трговците, особено оние кои продаваат луксузни производи (облека, часовници, технолошки уреди, накит…), кои стануваат поконкурентни во регионален и светски контекст.
Државата, преку зголемена потрошувачка, привлечени туристи и зајакната туристичка индустрија.
Туристите, кои ќе добиваат директна финансиска корист и позитивно искуство од посетата.
Што губиме без “Tax Free” шопинг?
- Странските туристи се обесхрабруваат да купуваат во Македонија бидејќи цените им се реално повисоки за данокот кој треба да го платат.
- Луксузните брендови и поголемите трговски центри губат потенцијален промет.
- Македонија станува помалку атрактивна за туристите што трошат повеќе, односно туристи кои не бараат само култура и природа, туку и шопинг искуство.
Дали е сложено да се воведе “Tax Free”? Воопшто не. Постојат веќе воспоставени модели како Global Blue, Planet и други, кои можат веднаш да се имплементираат, со минимални адаптации на законската регулатива. Потребна е само волја од институциите и минимална логистика за трговците.
Доколку сакаме сериозно да го развиваме туризмот, ако сакаме трговците да напредуваат, а економијата да расте, мора да воведеме “Tax Free” систем за странските туристи. Македонија не смее да остане единствената на мапата на Европа кога станува збор за модерни економски пракси.