FirstFort Group е компанија која ги спојува инвестициите, недвижностите и стратешкиот консалтинг со единствена цел – создавање на одржлив раст и вредност за своите партнери. Разговаравме со Славица Попева, сопственик и извршен директор на FirstFort Group, за нивниот пристап кон инвестициите, моделот на партнерство, потенцијалните пазари за раст и идните планови на компанијата.
FirstFort Group е резултат на 5 години искуство. Кои беа главните лекции што ги научивте низ ова патување и како тие ја обликуваа визијата на компанијата?
Нашиот фокус од самиот почеток во 2020 беше трансфер на предходното интернационално искуство и портфолио на нашиот тим од областа на стратегиски консалтинг, инвестиции и поддршка на развојните пазари, така што нашата визија е непроменета, остануваме доследни на оригиналната идеја, и продолжуваме да ги следиме пазарните динамики во Северна Македонија и регионот со цел да се идентификуваат нови можности за дистрибуција на Venture Capital и Private Equity капитали на селектирани, уникатни бизнис идеи кои имаат иновативност, доследност и основна база која гарантира долготрајност. Од поглед на секојдневната функција на компанијата, нашиот фокус кон инвестиции е секундарна функција бидејќи примарната функција на секоја компанија е таа која обезбедува приход и профит, а во FirstFort Group тоа е консалтинг, менаџмент и поддршка на партнерски бизниси, и го напоменувам овој аспект од нашето портфолио на услуги бидејќи е важен елемент за објаснувањето како нашиот модел на инвестиции функционира. Во врска со научени лекции, не би рекла дека тоа се некои научени лекции или нешто ново од досегашната работа на Македонскиот пазар, повеќе се работи за искуство и осознавање на практичните фактори кои најчесто негативно влијаат на нови бизниси, посебно стартап компании кои имаат предизвици скоро со сите аспекти од бизнисот, почнувајќи од наоѓање на почетен капитал, пласирање на производите и услугите, работна сила, меѓутоа од наша гледна точка како компанија која не зависи од овие домашни фактори, сметам дека најважното искуство до сега беше дека Македонскиот пазар е многу ограничен во поглед на иновации, недоволен влез на странски Venture Capital и Private Equity инвестиции. И покрај тоа што имаме неколку стартап клубови и организации кои носат ангел-инвеститори, најчесто од регионот, и се обидуваат да креираат некој нормален бизнис процес помеѓу овие инвеститори и стартап компаниите, на крајот на денот, се работи за двоцифрени бројки на успешни приказни, и во споредба со да речеме Албанија или Србија, овој сегмент од пазарот во Северна Македонија е далеку поназад, со минимална поддршка од државата или останатите економски фактори, и токму ова е причината зошто како компанија имаме резервиран пристап кон можни проекти, односно бизнис климата во сферата на мали и средни бизниси сеуште не е излезена од нивото на ризик кое не следи во последните 4-5 години.
Вашиот пристап е уникатен бидејќи не инсистирате на разредување на сопственоста кај партнерите. Како овој модел им помага на компаниите со кои работите?
Моделот е всушност базиран врз концептот на non-equity инвестиции кој е доста раширен и има присуство од повеќе од 30% на Venture Capital и Private Equity пазарите во ЕУ кога станува збор за мали и средни бизниси. Основата на концептот е инвестирање во самите процеси за поддршка на работењето на компанијата, односно FirstFort Group овозможува менаџмент на сите активности, почнувајќи од креирање на канцелариски простор, организација на логистиката и дневните потреби на компанијата, административно и финансиско работење, маркетинг и ИТ поддршка, целосен пакет кој ги покрива сите функции на партнерската компанија, и со ова, основачите на таа компанија, кои се и носители на бизнис идејата, се слободни да се фокусираат строго на развојот на производите или услугите, креирање на иновациите и позиционирање на пазарот. Бенефитите на FirstFort Group се во тоа што ние учестуваме во планирањето на ценовната политика на компанијата во која се вклучени и цените за нашите услуги. Со овој модел, основачите го задржуваат правото на сопственост и добивка, односно ја задржуваат својата мисија, правец на развој и се фокусираат на иднината, без да се грижат за влијание од партнер кој има удел, и со тоа контрола на процесот.

FirstFort Group покрива повеќе пазари – од недвижности до ИТ и технологија. Кои индустрии денес ги гледате како најпотенцијални за инвестиции и раст?
Иако нашите основи и историја се тесно поврзани со индустриите на услуги, технологија, дигитални и финансиски услуги, пазарната реалност, не само кај нас туку и на глобално ниво, е многу поразлична од пред 5 години. Конкретно, многу пазари кои во Северна Македонија беа просперитетни пред 5 години, сега се во стагнација, па во некои случаи дури и во загуба. Секторот на недвижнини е преплавен со нерегулирани примери на градење без да се земат предвид факторите на архитектурна привлечност, заштита на околината, нерегулирана концентрација на резидентни единици, недостиг на ценовна регулатива, но најмногу недостиг на квалитет. Од друга страна, ИТ секторот кој беше предмет на “бум” инвестиции до пред 5 години, сега е во сенка на инвестицискиот фокус кон вештачка интелегенција, секторите на дигитални услуги се иста така погодени од развојот и конкуренцијата на вештачката интелегенција, така што традиционалните пазари не се веќе предмет за можности и раст. Глобалните трендови сега се фокусирани кон оддржлив развој, зелени инвестиции, енергетска инфраструктура, агробизниси и агротехнологија, и ако направите едноставна анализа, ќе видите дека токму овие сектори кај нас буквално и да немаат било какви инвестициски напори. Во тек е идеа за креирање на стартап хаб надвор од централното градско подрачје кое на новите бизниси ќе им овозможи многу помодерна средина за работа и со нормални пазарни цени, надвор од трендот на мали канцеларии во станбени згради, и неколку други области во кои гледаме можен раст на краткорочен период од 5 години.
Нудите и real estate ресурси, стартап капитал, како и стратешки консалтинг. Како успевате да ја интегрирате оваа разновидност на услуги во еден единствен процес?
Како што веќе напоменав предходно, нашиот бизнис модел е фокусиран кон обединување на сите процеси кои се неопходни за компаниите, менаџмент, логистиката, административно и финансиско работење, маркетинг и ИТ поддршка, интегриран пакет кој им дава слобода на основачите да се фокусираат на самиот бизнис процес, и ова е резултат на комбинирање на ресурси кои или ние ги имаме или сме ги откриле преку партнерства, првенствено врз база на проверен квалитет, но исто така и врз потребата за реални трошоци и цени, односно избегнување на оние понудувачи на услуги кои имаат енормни и нелогични побарувања по основа на цени. Токму овој пристап на интеграција на услугите преку една фокусирана точка на контрола и менаџмент, во овој случај FirstFort Group, е тоа што ни дава за можност да постигнеме интеграција на процесот.
Соработувате со компании и претприемачи на различни нивоа на развој. Кои квалитети најмногу ги цените кај потенцијалните партнери?
Иновативност, доследност, упорност и стабилност на карактер. Од лично искуство, сме виделе мотивирани, млади и надежни основачи со одлични бизнис идеи на кои работеле со месеци, меѓутоа на првиот чекор од нашиот процес на due diligence, откриваме дека истата таа идеа е веќе присутна повеќекратно и тоа во истата средина. Немањето на оригинална идеа за производ или услуга е половина од неуспехот. Исто така, сме сретнале апликанти за партнерство кои едноставно пробале неколку различни бизнис идеи во период од 2-3 години, и истите ги затвориле на првата препрека. И на крајот, самиот профил и карактер на потенцијалниот основач на нов бизнис ќе ви даде основа за да знаете дали се работи за некој на кој му е важно да успее со неговата идеја и се посветил на тој процес. Живееме во несигурна економска и ресурсна средина, со економски и геополитички фактори кои создаваат дополнителни предизвици, и во вакви средни е потребен внимателен пристап кон развој на идеа, но пред се работа и доследност.

Во вашата методологија, барате само презентација на идеја без потреба од детален бизнис план. Зошто одбравте ваков пристап и како тоа го поедноставува процесот за претприемачите?
Најважниот фактор за овој наш пристап е реалноста на анализите. Основачот на нов бизнис секогаш ќе најде начин кон оптимистичкото сценарио, занемарувајќи ги реалните фактори и предизвици. Нашиот пристап а многу построг бидејќи ние интегрираме анализи врз основа на процесите на анализи на пазар, влез на нов пазар, конкуретно разузнавање, истражување на ценовниот и производствениот свет и макро факторите. Овие анализи го креираат бизнис планот на сосема друго ниво, но врз основа на идеата на основачот, и од тука почнува процесот на понуда за партнерство и понатамошен бизнис развој.
Како го проценувате потенцијалот на една идеја или бизнис кога првиот чекор е само едноставна презентација? На што најмногу посветувате внимание?
Иновациски степен, уникатност на идејата, можности на пазарот, потенцијал за побарувачка на производот или услугата и сериозноста на основачот. Овие 5 фактори се единствените кои ние ги земаме предвид. Доколку овие фактори се проценети како позитивни во однос на идеата, ние самите ги подготвуваме сите останати чекори, вклучувајќи и бизнис план, анализа на финансиските состојби, пазарни анализи итн.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате кога градите долгорочни партнерства без да барате сопственички удел?
Споредбено со другите пазари, Македонскиот пазар се соочува со страв од соочување со проблеми или неуспех, меѓутоа најголем проблем е се помалиот интерес кај младата популација за личен успех и лична работна дисциплина и доследност. Сме забележале еден негативен тренд каде надежни, способни и интуитивни потенцијални претприемачи се задоволуваат со просечност, се фокусираат кон јавниот сектор наместо да изградат успешна приказна за себе и својот бизнис, и се разбира намалениот човечки потенцијал во државата, пред се поради имиграцијата.
FirstFort Group се фокусира и на технологија и на традиционални индустрии. Како успевате да ги балансирате иновативните и конзервативните инвестициони стратегии?
Нашиот фокус не е дефиниран врз основа на која е позадината на таргетираниот бизнис, туку пазарните фактори кои веќе ги наброивме. Генерално, процесот на пристап не се разликува бидејќи ние не инвестираме во сопственички удел туку во стандардниот бизнис процес, кој генерално и не се разликува од една во друга индустрија. Специфичноста на самиот бизнис, нивниот производ или услуга, останува во надлежност и одговорност на основачот, а ние како пратнери се фокусираме на сите останати функции кои се неопходни за успех, и тие функции генерално не се разликуваат, освен се разбира во регулираните индустрии во кои ние не функционираме.