Кина го намали увозот на течен природен гас за 20% од почетокот на годината, според податоците на аналитичката компанија „Kpler “, цитирани од „Bloomberg“.
Поради трговската војна со САД, земјата не купува американски течен гас од март, а пред тоа имаше значително намалување на испораките. Во првиот квартал од 2025-та година, Кина купи 70% помалку течен природен гас од Соединетите Американски Држави отколку во истиот период минатата година.
Во април, Кина нарача 4,9 милиони тони течен гас, што значи пад шести месец по ред.
Количините се компензираат со локалното производство, гасот преку цевководи, вклучително и од Русија, како и поевтините алтернативи како што се јагленот и обновливите извори на енергија, но генерално, увозот на течен природен гас во Кина се намалува.
Сепак, оваа ситуација е добредојдена за Европа, каде што започна сезоната на вбризгување гас. Количините гас што Кина ги купуваше порано сега се насочуваат кон Стариот континент и Јапонија. Цената на холандската „TTF“ платформа во последните денови се движи околу нивото од 34-35 евра за мегават-час.
Од почетокот на годината, кога го загуби транзитот на руски гас низ Украина, Европа едвај доби гас под 40 евра за мегават-час. На 11-ти февруари беше забележан двогодишен максимум од нешто помалку од 58 евра за мегават-час.
Индија, исто така, го намалува увозот на течен природен гас во последните недели поради поевтината нафта. Според податоците на „Kpler“, земјата ќе купи во април 1,9 милиони тони, што е намалување од 5% на годишно ниво.