Во време кога стартапите стануваат синоним за милионски инвестиции, а маркетинг буџетите се мерат во илјадници евра, сѐ повеќе луѓе во Македонија се прашуваат: дали е можно да започнеш бизнис со само 50 евра неделно? Или тоа е само уште една урбана легенда?
За многумина, ова звучи како невозможна мисија. Но има и такви кои не само што се обиделе, туку успеале.
Не станува збор за гламурозни брендови со луксузни логоа, туку за мали, прецизно таргетирани и скромно почнати бизниси, чија најголема инвестиција била – идејата.
„Почнав со 3.000 денари, купив материјал за да направам неколку пара рачно изработени обетки и ги објавив на Инстаграм. Првата недела продадов три пара и ги реинвестирав сите пари. Сега правам месечен промет од околу 400 евра“, раскажува Симона, млада девојка од Скопје која денес живее од своето хоби.
Во слична насока размислува и Драган од Прилеп, кој вели дека со 50 евра неделно може да се започне бизнис, но само под одредени услови.
„Треба да си свесен дека првите месеци нема да имаш плата. Тие 50 евра треба да се вложуваат паметно – во алат, суровини, пакување или рекламирање. А најважно од сѐ е – твоето време. Ако вложуваш барем 6-8 часа дневно, тогаш тие 50 евра неделно имаат смисла“, вели тој.
Експертите за микро-претприемништво велат дека токму ваквите примери треба да се охрабрат.
„Микро-инвестициите се основа за градење култура на претприемништво. Наместо младите да бараат кредити, подобро е да започнат со мала, контролирана активност, па дури потоа да се шират. Можеби нема веднаш да станат милионери, но ќе стекнат искуство, доверба кај клиенти и реална слика за пазарот“, објаснуваат познавачите.
Сепак, патот не е лесен. Пречки има многу – од недоверба кај купувачите, слаба онлајн видливост, до ограничен капацитет за производство.
Но токму овие пречки ги издвојуваат вистинските претприемачи од останатите.
„На почетокот продавав по еден производ неделно. Секој ден учев нешто ново – како да направам подобра фотографија, како да напишам опис што продава, како да комуницирам со купувачите. И тоа ми беше најдобрата школа“, раскажува Тамара од Штип, која изработува природна козметика од домашни состојки.
Заклучокот е јасен – 50 евра неделно не се многу, но за некои се доволни за да започнат нешто свое.
Мисија невозможна? За оние со идеја, упорност и малку креативност – не, туку токму спротивното: можност која ги менува животите.
Б.З.М.