Сè поголем број Македонци секојдневно заминуваат на работа во странство, надевајќи се на подобра заработка и повисок стандард на живот.
Меѓу најбараните професии се токму професионалните возачи, градежниците и негувателките, кои во последниве години стануваат столб на македонската печалбарска дијаспора.
Ѓорѓи од Виница веќе трета година работи како возач на тешки возила во Германија. Започнал преку агенција, а сега е директно вработен кај германски работодавач.
– Почнав со 1.900 евра нето, сега земам околу 2.400 евра. Работата е напорна, но сигурна. Во Македонија за истата работа ми нудеа 35.000 денари – раскажува Ѓорѓи.
Според него, главната предност е редовната плата и можноста за дополнителни дневници кога вози во викенд или празници.
Во градежништвото, ситуацијата е слична. Македонските ѕидари, армирачи и електричари се барани особено во Австрија и во Словенија.
Според податоците од неформални групи на социјалните мрежи, платите за обични градежни работници се движат од 1.500 до 2.200 евра, додека поискусни мајстори со лиценци можат да заработат и до 3.000 евра месечно.
Роберт од Струга веќе шест години работи во Виена како водоинсталатер.
– За мене Австрија беше логичен чекор. Работам 9 часа дневно, шест дена во неделата, и добивам 2.600 евра плата. Најтешко ми беше првата година, додека се снајдам со јазикот и со навиките – вели Роберт.
Најчесто жените од Македонија заминуваат како негувателки во Италија, Германија и во Австрија, каде што се грижат за постари лица. Работата е физички и емоционално исцрпувачка, но затоа приходите се далеку повисоки од домашните.
Светлана од Штип веќе пет години се грижи за постара жена во северна Италија. Таа вели дека не е лесно, но дека успеала да им помогне на децата со школување.
– Во Македонија работев во конфекција за 18.000 денари. Сега тука добивам 1.200 евра плата плус сместување и храна. Месец работам, месец сум дома. Имам и здравствено осигурување – раскажува Светлана.
Агенциите кои посредуваат со овие вработувања велат дека интересот не престанува. Само во првиот квартал од 2025 година, според нивни податоци, над 1.800 лица побарале работа во странство преку нив.
Иако многумина заминуваат со надеж за подобра иднина, некои се враќаат разочарани.
Сè зависи од договорот, условите за работа и од спремноста да се адаптираат на друг начин на живот. Но едно е сигурно – додека платите во Македонија останат ниски, печалбарството ќе остане најбрзата карта за економско спасение на илјадници семејства.
Б.З.М.