На патот кој е дел од најфреквентната траса во државата, релацијата Скопје – Охрид, постои едно место кое децении наназад е синоним за застој, нервоза и неефикасност: Семафорот во Гостивар.
Без оглед дали се враќате од викенд или бизнис патување во Охрид, или пак туристичка прошетка во Маврово, шансите да заглавите во километарска колона токму тука се скоро загарантирани.
Овој проблем не е нов, туку напротив тој е хроничен и е само уште една илустрација на институционалната немоќ да се решаваат реални проблеми од секојдневното живеење. Локалната самоуправа, градоначалниците кои се менуваат, па дури и централната власт, очигледно не можат или не сакаат да најдат трајно и функционално решение.
Зошто е важно ова да се реши?
Овој семафор е тесно грло на патот кој е од клучно значење за туризмот, економската размена и мобилноста во земјава. Загубите во време, гориво и нерви се огромни. Дополнително на тоа, се работи за безбедносен ризик, односно долгите колони значат и зголемен ризик од сообраќајни незгоди, особено кога возачите се фрустрирани и уморни од предолгото чекање.
Решение има – но дали има волја за истото
Прашањето е зошто до сега не е најдено решение? Дали е проблемот во недостиг на финансии, стручен кадар, или само во политичка незаинтересираност?
Можеби е време конечно да се тргнеме од логиката „ќе биде кога тогаш“ и да се побара стручна помош. Во светот постојат компании и експерти за урбан и сообраќаен дизајн кои со напредни софтверски алатки и со реални податоци можат да предложат оптимални решенија, како што е изградба на подземни премини, кружни текови, до промена на режимот на сообраќај и дигитална координација на светлосната сигнализација.
Наместо заостанување, потребна е визија за мобилна Македонија
Овој проблем не е само локален, туку системски. Тој зборува за начинот на кој се третира јавниот простор, инфраструктурата и најважно – граѓанинот. Ако не можеме да решиме семафор во Гостивар, како ќе зборуваме за европски стандарди, паметни градови и дигитална трансформација?
Време е за визија, за храброст и за конкретни чекори. Не за уште една ветувачка кампања, туку за резултати што ќе ги почувствува секој кој поминува низ Гостивар – без стрес, без застој, и без прашањето: „Како е можно ова уште да не е решено?“