22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАКупување под притисок - како инфлуенсерите ни го празнат паричникот?

Купување под притисок – како инфлуенсерите ни го празнат паричникот?

Во време кога скроламе повеќе отколку што размислуваме, сè почесто се соочуваме со купувања кои не произлегуваат од потреба, туку од притисок.

Сè повеќе граѓани признаваат дека купуваат производи кои не им требаат – само затоа што ги виделе кај инфлуенсери или затоа што „сите ги имаат“.

Од козметика и облека, до глупави гаџети за кујна или фенси шолји за кафе – реалноста на Инстаграм станува норма која го диктира и реалниот живот.

„Порачав шминка од една бренд што ја рекламираат многу девојки на ТикТок. Мислев дека ќе ме направи да светам како нив“, вели Сара, 24-годишна студентка. „Ама реално, ми стои дома неискористена, бидејќи не користам ни половина од тие производи.“

Социјалните мрежи веќе одамна не се само алатка за споделување моменти.

Тие се маркетинг машина што работи 24/7. Инфлуенсерите, често платени од брендовите, вешто го претвораат секојдневието во „пожелна слика“, оставајќи го гледачот со чувство дека ако не поседува одреден производ – нешто му недостасува.

„Порано луѓето купуваа за да си удоволат. Сега купуваат за да се докажат“, вели социологот Љубица Маџовска. „Преку статус симболи кои ги гледаат кај другите, сакаат да се позиционираат во друштвената хиерархија“.

Филтерите и идеалната сценографија дополнително го замаглуваат разумот. Се продаваат животни стилови, а не производи. Фитнес чаеви, луксузни маски за лице или „естетски“ дрвени даски за сечење – ретко кој навистина ги користи, но сите сакаат да ги имаат. Зошто? Затоа што камерата „покажа“ дека така изгледа совршен дом.

„Пред три месеци си купив проектор што го видов кај еден инфлуенсер“, вели Мартин, млад скопјанец. „Мислев дека секој викенд ќе гледам филмови на ѕид. Го пуштив два пати. Сега ми служи како подлога за кутии“.

Интернетот создаде нова форма на потрошувачка култура: социјално-кореографирано купување. И додека маркетингот секогаш влијаел на одлуките, денес сме поранливи бидејќи влијанието не доаѓа од далечен бренд, туку од некој „како нас“.

Има ли спас?

Маџовска советува да си го поставиме прашањето: Дали ова би го купил/а ако не го видов на интернет? Ако одговорот е „не“, најверојатно купуваме емоција, а не потреба.

Во ера кога сè е фино спакувано за лајкови, вистинскиот отпор е – да не се купи.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП