Во светот на претприемништвото, идејата е само почеток. Реализацијата бара ресурси, а често – и инвестиција. Но како да убедите некого да го вложи својот капитал токму во вашата замисла? Привлекувањето инвеститори е уметност, стратегија и малку психологија, сè во едно.
„Инвеститор не вложува во PowerPoint презентација, туку во личност“, вели Дарио, млад иноватор од Штип кој неодамна обезбеди финансирање за својот мобилен апликативен стартап. „Ако покажете страст, јасна визија и план како ќе дојдете до пазарот, тоа е половина работа“, додава тој.
Oд идеја до презентација
Првиот чекор е да ја обликувате идејата во нешто што има потенцијал за раст.
Ова значи добро истражен пазар, јасно дефинирана целна група и решение за реален проблем.
Потоа следува презентацијата – таканаречениот „pitch“. Тој мора да биде концизен, убедлив и заснован на бројки.
„Најчесто фатална грешка е кога луѓето се обидуваат да изгледаат паметни со комплексни термини и презентации од 50 слајдови“, велат експртите.
Инвеститорите, додаваат тие, сакаат јасен одговор на три прашања: што нудите, колку можете да заработите и зошто токму вие сте личноста што ќе го реализира тоа?
Создавање доверба
Инвеститорите не вложуваат само во идеја – тие вложуваат во тим. Затоа, важно е да покажете дека сте посветени, но и дека сте спремни да слушате, учите и прифатите помош.
Добар бизнис-план е задолжителен, но довербата се гради и преку искреност.
„Еден инвеститор ми кажа: ‘Повеќе верувам на некој што искрено ми признава каде му се слабостите, отколку на некој што глуми дека сè му е совршено’“, раскажува Филип Крстевски, креатор на еколошки производ за домаќинства.
Каде да ги најдете?
Денес не мора да чекате да ве „откријат“. Постојат бројни платформи за поврзување со инвеститори – од локални стартап настани, до онлајн мрежи како AngelList и Seedrs.
Исто така, сè повеќе се појавуваат и инвестициски фондови во регионот кои се заинтересирани за млади претприемачи.
Привлекувањето инвеститори не е момент на среќа – тоа е процес. Не се плашете од одбивање, бидејќи токму тие одбивања ќе ве научат како да ја усовршите идејата.
Бидете подготвени, автентични и отворени за раст. На крајот на краиштата, вистинскиот инвеститор не бара совршен бизнис – туку луѓе што се подготвени да го изградат.
Б.З.М.