Иако стоењето можеби изгледа како најлесната работна позиција, за многумина тоа претставува секојдневен предизвик со долгорочни здравствени последици.
Од фризери до хирурзи, од касиерки до обезбедување – професиите што подразбираат постојано стоење на нозе бараат повеќе отколку само трпение и кондиција.
„По 20 години како продавачка, повеќе не чувствувам само болка во нозете. Сега веќе имам проблем и со р’бетот, со колената, па дури и со варикозните вени“, раскажува Снежана Д. од Битола, која работи во малопродажба уште од својата 22-ра година.
Според физиотерапевтите, стоењето на исто место подолго време го зголемува притисокот врз долниот дел од телото и доведува до слаба циркулација.
„Кај луѓето кои работат долги смени на нозе, најчесто забележуваме отекување на зглобовите, проширени вени, хронична болка во грбот и деформации на стапалата. Тоа е сериозно потценет ризик“, вели физиотерапевт од Скопје.
Во угостителството, каде што келнерите, готвачите и баристите минуваат и по 10 до 12 часа дневно во стоење, ситуацијата станува уште потешка.
Даниел Ристов, шеф во ресторан во Центар, вели дека неговиот ден почнува во 8 часот наутро и завршува во 11 навечер – цело време на нозе.
„Никој не нè учи како да се заштитиме. Со години носев обични патики, сè додека не добив огромна болка. Тогаш ми рекоа дека обувките треба да имаат посебна поддршка и влошки, што досега не сум ни размислувал“, вели Даниел.
Работодавците ретко воведуваат мерки за заштита на вработените во овие професии.
Сепак, експертите препорачуваат ротација на позициите, дозволување на кратки седења секој час и обезбедување квалитетна работна обувка.
Во некои европски земји, постојат дури и законски ограничувања колку време работникот смее да помине во стоење без пауза.
„Во Македонија, за жал, ваквите професии се сметаат за ‘нормални’ и никој не води сметка за долгорочните последици. А кога човекот ќе се разболи, тогаш е доцна“, додаваат лекарите.
Иако изгледаат како едноставни, овие работни места оставаат длабоки траги врз телото и здравјето. Токму затоа, покрај финансиската стабилност, потребна е и лична и институционална грижа за оние кои ја носат својата професија – на нозе.
Б.З.М.