Во време кога се бара дополнителна заработка од сите страни, сè повеќе луѓе се прашуваат – дали моето хоби може да стане извор на приход?
Одговорот е – да, но со една важна напомена: хобито мора да се третира сериозно како бизнис, без да се изгуби страста што го движи.
Ана Велковска од Куманово секогаш сакала да прави накит. Започнала уште како тинејџерка, со жици, монистра и куки за обетки. Денес, нејзиниот мал бренд на рачно изработен накит има преку 12.000 следбеници на Инстаграм, редовни клиенти од Германија и од Швајцарија, и заработка која, како што вели, ѝ го заменила класичното вработување.
„Никогаш не мислев дека ќе живеам од ова. Почнав за душа. Но кога луѓето почнаа да прашуваат ‘каде можам да купам’, сфатив дека треба да направам чекор напред“, раскажува Ана.
Иако успехот изгледа романтично, не доаѓа преку ноќ.
Социологот Љубица Маџовска вели дека монетизацијата на хобито бара повеќе од талент.
„Треба стратегија, маркетинг, финансиска дисциплина. Хобито може да стане бизнис само ако човекот го третира како таков – со инвестиција, организација и постојано учење“, вели таа.
Пример за тоа е и Александар од Битола, кој фотографира пеперутки. За повеќето тоа би било само ексцентрично задоволство, но Александар ги продава своите фотографии како принтови, користи платформата Etsy и редовно учествува на тематски изложби. Моментално, како што вели, од продажбата заработува просечно по 400 евра месечно.
„Првите две години беа без приход, само трошок. Но ми беше мерак, па не се откажував. На крајот, испадна исплатливо“, ни кажа Александар.
Според истражувањето на една маркетинг агенција, речиси 25% од луѓето кои започнале бизнис поврзан со нивното хоби, за две до три години почнале да заработуваат повеќе отколку од претходната работа со полно работно време.
Сепак, постои и ризик: кога хобито ќе стане обврска, се губи уживањето.
„Клучно е да се одржи балансот. Ако ти се згади од она што го сакаш, тогаш си загубил и задоволството и бизнисот“, предупредува Маџовска.
Заклучокот е едноставен – хобито може да стане работа од соништата, но само ако сте подготвени да го третирате како работа, а не како хоби. Сè додека има љубов, труд и стратегија – одговорот на прашањето е: Да, можете да заработите од вашето хоби. И тоа не малку.
Б.З.М.