16 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЌе има ли сила државата да ги заузда цените на храната пред...

Ќе има ли сила државата да ги заузда цените на храната пред Велигден?!

На неколку дена пред Велигденските празници граѓаните ги подготвуваат списоците за набавка на се што е потребно во домот и на трпезата за достоинствено да се одбележи најголемиот христијански празник. Јајца, јагнешко месо, многу салати, пијалак кондиторки производи, ова се најбараните прехранбени производи кои се најчести во домовите кај православните верници. Години наназад пракса кај трговците беше цените токму на овие производи драстично да се зголемат пред Велигден. Оваа година на сила е меркатра за ограничување на маржите од 10 и 15 отсто. Надлежните најавија жестоки казни за непочитувачите на правилата во трговијата.

Ќе имаат ли сила државните инспектори да ги зауздаат цените пред Велигден? Ова е едно од најпоставуваните прашања деновиве од страна на граѓаните пред да ја направат главната набавка за празничната трпеза. Јагнешкото месо достигнува цена и до 700 денари за килограм, јајцата ако се домашни се продаваат по цени од 12 до 15 денари по јајце, нешто поевтини се оние кои се продваат на табла по 30 јајца – индустриските. Цената на салатите со месеци е вивната до облаци, веќе македонските граѓани заборавија цени под 100 денари за килограм краставица или домат. Марулата достигна цена од 50 денари, а над 60 денари се продава младиот компир.

Инспекторите од Пазарна најавија дека нема да биде никој поштеден, оној трговец кој ќе биде фатен како игра спротивно на правилата ќе биде сериозно санкциониран. Велат дека редовно се на терен и го следат патот на производите, од производителот, пртеку дистрибутерот и трговецот кој го продава. Во последниов период имало и такви трговци кои ставале маржа на производите и до 70 отсто, заработиле висока казна.

Последно на тема борба против инфлацијата е најавата дека власта ќе формира потрошувачка кошничка и тоа за три члена фамилија, а не за семејство од четворица, како што тоа досега го прави Сојузот на синдикати на Македонија. Доста реакции предизвика оваа одлука која беше дополнета со тоа што за властите е луксуз граѓаните да одат на летување надвор од државата.

„Сите податоци за формулација и пресметување на просечната потрошувачка кошничка ќе бидат земени со официјални податоци од ДЗС и податоците кои постојано ги добиваме од Државниот пазарен инспекторат во однос на цените на основните производи и трошоците на живот. Просечната потрошувачка кошничка ќе биде комплетен и квалитетен одраз на потребите на едно просечно македонско семејство, а тоа е тричлено семејство според податоците на Државниот завод за статистика“, велат од Владата.

Од опозицијата пак, обвинуваат дека власта измислила некаква нова пресметка за тоа колку чини животот на граѓаните и се обидува да го убеди народот дека со 400 евра може да се живее. Од СДСМ велат дека власта ги убедува дека тоа што тие нема да може да одат на одмор, во кино или театар и само да работат за парче леб е живот кој е убав во земјава. Од партијата бараат власта да се откаже од оваа пресметка на потрошувачката на граѓаните.

„Новата просечна кошничка ќе ги игнорира реалните трошоци. Ќе се сведува само на храна и сметки, без никаква рекреација, култура или достоинствен живот. Она што го содржеше синдикалната кошничка – како минимум за живот – веќе ќе го нема. Не затоа што не е потребно, туку затоа што Владата сака да прикаже помали бројки. А, токму просечната потрошувачка кошничка треба да мери просечен стандард, со реални трошоци за едно семејство, со пристојна исхрана, квалитетни производи, културен живот. Не само гол опстанок. Ова не е економска мерка, туку политичка манипулација. И уште една навреда за интелигенцијата на граѓаните“, велат од СДСМ.

До крајот на април е мерката на владата за ограничување на профитните маржи на 10 отсто. Според информациите на Денар, овие денови трговците и властите повторно ќе седнат на заедничка маса и ќе дебатираат за ефектите и дали и натаму на сила треба да биде оваа мерка.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП