Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупреди во извештајот објавен во понеделникот дека големите геополитички ризици, вклучително и трговските тензии, може да предизвикаат големи корекции на берзите, што може да доведе до нестабилност на финансиските пазари.
ММФ ги објавува овие предупредувања во поглавје од претстојниот Извештај за глобална финансиска стабилност, наведувајќи дека геополитичките шокови, како што се војните, терористичките напади, зголемените воени трошоци и трговските бариери, сè повеќе влијаат на пазарите, особено од 2022 година, пренесува Ројтерс.
Иако ММФ директно не спомна конкретни настани, како што се неодамна воведените општи царини од американскиот претседател Доналд Трамп, јасно стави до знаење дека таквите мерки спаѓаат во рамките на зголемените геополитички и трговски ризици.
Во следниот блог, ММФ ги повика финансиските институции да обезбедат доволен капитал и ликвидност за подобро да се справат со потенцијалните загуби предизвикани од геополитичките шокови. Исто така, им беше препорачано да користат тестови за отпорност (стрес тестови) и други анализи за да ги идентификуваат и управуваат ризиците.
Според анализата на ММФ, големите ризици како војни, дипломатски тензии или тероризам, во просек ги намалуваат цените на акциите за еден процент месечно на глобално ниво, додека на пазарите во развој просечниот пад е околу 2,5 проценти месечно.
Меѓународните воени конфликти, како што е војната во Украина во 2022 година, имаат најголемо негативно влијание на берзите, кои во просек го намалуваат приносот на акциите за пет проценти месечно, двојно повеќе од кој било друг вид на геополитички ризик.
Целосниот извештај на ММФ ќе биде објавен за време на пролетните состаноци на ММФ и Светската банка, закажани за следната недела, а се очекува царинските мерки на Трамп да бидат главна тема на тие разговори.
Минатата недела, пазарите ги забележаа своите најголеми промени од пандемијата во 2020 година. S&P 500 падна за повеќе од 10 отсто откако Трамп ја презеде функцијата на 20 јануари, додека цената на златото достигна рекордно високо ниво.