Кварталната заработка на тајванскиот производител на чипови „Taiwan Semiconductor Manufacturing Co.“ (TSMC) порасна повеќе од очекуваното – за 42% на годишно ниво, како одраз на зголемената побарувачка за сервери и паметни телефони со вештачка интелигенција (AI) пред да стапат на сила американските тарифи, пишува „Bloomberg“.
Ова е најбрзата стапка на раст на приходите за „TSMC“ од 2022-ра година, оттогаш и ја одразува акумулацијата на залихи во американските магацини од страна на производителите на електроника во очекување на потенцијални нарушувања во трговијата и снабдувањето.
Главниот подизведувач во производството на чипови за „Apple Inc.“ и „Nvidia Corp.“ објави приходи од 839,25 милијарди тајвански долари (25,5 милијарди американски долари) во првите три месеци од 2025-та година. Аналитичарите очекуваа резултатот да достигне 830,5 милијарди тајвански долари.
Објавувањето на приходите се совпаѓа со зголемената загриженост за тоа како тарифите на американскиот претседател Доналд Трамп би можеле да ја нарушат побарувачката за електроника како „iPhone“.
Во март, извршниот директор на „TSMC“, Си Веи и Трамп заеднички објавија дополнителни 100 милијарди долари инвестиции во компанијата во производството на чипови во САД, зајакнувајќи ја целта на Белата куќа да привлече повеќе производство во земјата.
Сега има знаци дека темпото на трошење на центри за податоци и чипови за вештачка интелигенција може да се забавува. „Microsoft“, на пример, се повлече од некои меѓународни проекти, сугерирајќи дека компанијата ги преиспитува своите планови.
Некои аналитичари предупредија дека „TSMC“ може да биде принудена да ги намали изгледите за приходите во 2025-та година, како одраз на глобалната несигурност и потенцијалниот удар на економиите од трговската војна.
Сепак, „TSMC“ останува светски лидер во производството на напредни полупроводници кои се користат за вештачка интелигенција и паметни телефони. Неговата позиција може да го ублажи влијанието на царините или трговските нарушувања.
Големите технолошки компании, вклучувајќи ги „Alphabet Inc.“ и „Meta Platforms Inc.“, сè уште не ги преиспитале своите планови за инвестирање во вештачка интелигенција, ниту пак сигнализирале дека размислуваат за намалување. Само „Amazon.com Inc“ е подготвена да инвестира 100 милијарди долари за вештачка интелигенција оваа година.