Германската економија нема да забележи значителен раст оваа година, а трговските политики на американскиот претседател Доналд Трамп веројатно ќе ја турнат земјата кон уште помрачен исход, предупредуваат водечките германски економски институти, цитирани од „Bloomberg“.
Бруто домашниот производ (БДП) на Германија ќе се зголеми за само 0,1% во 2025-та година. За 2026-та година експертите предвидуваат проширување од 1,3%, потврдувајќи ја нивната претходна проценка.
„Геополитичките тензии и протекционистичката трговска политика на САД ја влошуваат и онака напнатата економска ситуација во Германија“, рече Торстен Шмит, шеф на економските истражувања во Институтот за економски истражувања Лајбниц (RWI).
„Покрај тоа, германските компании се соочуваат со зголемена меѓународна конкуренција – особено од Кина“, додава тој.
Германскиот бизнис модел е потресен на неколку фронтови, особено поради повисоките трошоци за енергија кои се резултат на руската војна во Украина и нападот на американскиот претседател врз слободната трговија.
Шмит, исто така, ја истакна „структурната слабост“, вклучително и недостигот на квалификувана работна сила и прекумерната бирократија.
Прогнозата ги вклучува американските царини за увоз на алуминиум, челик и автомобили, но не и пошироките давачки што Трамп ги објави на 2-ри април, пред привремено да ги намали во средата.

Иако овие мерки ризикуваат да предизвикаат дополнителна штета, институтите предупредуваат дека нивното влијание е тешко да се квантифицира бидејќи се без преседан.
Германскиот конзервативен блок на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) и Германската социјалдемократска партија (СПД) постигнаа коалициски договор по предвремените парламентарни избори во февруари, настојувајќи да го заживее растот преку инвестиции во инфраструктурата на земјата, истовремено намалувајќи ги корпоративните даноци, цените на струјата и олеснување на бирократијата.
Пратениците веќе гласаа за укинување на таканаречената уставна должничка кочница со создавање посебен фонд и давање можност за инвестиции во одбраната.
Од институтите посочуваат дека се уште не е јасно како ќе се искористи овој зголемен обем на трошење и оти оваа година најверојатно нема да се слеваат дополнителни средства. За 2026-та година очекуваат 24 милијарди евра дополнителни трошоци, со што економијата се прошири за околу половина процентен поен.