Иако американскиот претседател Доналд Трамп најави пауза од 90 дена за многу од тарифите што ги наметна, што на некои компании и инвеститори им донесе малку одмор, најголемата американска компанија „Apple“ нема толку среќа.
Технолошкиот гигант од Купертино е во голема мера зависен од синџирите на снабдување во Кина, а тарифите таму продолжуваат да растат. Кумулативната царинска стапка на САД за кинески стоки сега е висока до 145%.
Затоа, и покрај знаците за подобрување на американската трговска политика во глобален контекст, експертите посочуваат дека преговорите меѓу САД и Кина остануваат клучен фактор за „Apple“.
„iPhone“ од Кина поскап за 85%?
„’Apple’ може да биде уназаден со години со овие тарифи“, изјави Ден Ајвс, глобален шеф за технолошки истражувања во „Wedbush Securities“, за „CNBC“. Тој додаде дека „Apple“ сега е „во ситуација кога нејзиниот брод се превртел среде океан, без чамци за спасување“.
Ако е направен во САД, вели Ајвс, „iPhone“ ќе чини 3.500 долари (околу 3.000 евра).
„Apple“ со години се обидува да го диверзифицира својот синџир на снабдување надвор од Кина, но според истражувачката компанија „Omdia“, од 77 милиони „iPhone“ испорачани во САД минатата година, речиси 80 отсто се произведени во Кина.
Истата компанија проценува дека „Apple“, сакајќи да ги задржи профитните маржи, би морал да ги зголеми цените на „iPhone“ уредите од Кина за приближно 85 отсто доколку важат сегашните тарифи. Тоа, всушност, значи цена од околу 3.500 долари за „iPhone“.
„Кога првичните кинески тарифи беа 54 отсто, влијанието беше силно, но може да се управува… Сега, под овие услови, ‘Apple’ нема никаква корист од зголемувањето на цената“, рече еден од менаџерите за истражување во „Omdia“.