16 април, 2025
ПочетнаКАРИЕРАПет типа на луѓе кога ќе земат плата – каде припаѓате вие?

Пет типа на луѓе кога ќе земат плата – каде припаѓате вие?

Секој први во месецот носи една заедничка емоција – олеснување. Платата конечно легнала, а македонскиот народ со нов елан се впушта во месечната авантура наречена „преживување“.

Но, начинот на кој луѓето се однесуваат штом им стигне трансакцијата варира во зависност од карактер, навики и животни околности.

Еве ги петте најчести типови граѓани кога ќе земат плата – дали се препознаваш во некој од нив?

„Горе рацете, време е за кркање!“

Ова се луѓето кои живеат за моментот. Без разлика дали платата е 25 илјади или 40 илјади денари, тие знаат дека првиот викенд по платата мора да се прослави.

Не се штеди – се излегува, се честат пијачки, се резервираат маси.

Некои ги гледаат како неодговорни, но тие само велат: „Ако не се почастиш сам себе, кој ќе те почести?“

„Цела недела сум под стрес. Штом легне платата, морам да се почувствувам жив“, вели Сашко Трајков, 34-годишен готвач од Кисела Вода. „Некој троши на акции, јас трошам на ноќен живот – барем знам дека сум уживал!“

„Прво долгови, па што остане“

Овој тип веднаш по добивањето на платата прави список на обврски. Рата за кредит, режиски трошоци, сметки, враќање на заем од другар…

Понекогаш, до петти во месецот платата е речиси испарена.

„Мора некој да биде реален во домот“, вели 42-годишната Катерина Ѓоргиевска, административна работничка од Битола. „Мојот маж би ја потрошил за два дена, јас сум таа што планира. Не е лесно, ама навикнавме“.

„Тајниот штедач“

Секој месец, веднаш по легнувањето на платата, овој тип тргнува на страна – или во банка, или под душек. Не сакаат да зборуваат гласно за тоа, не се фалат, но кога ќе настане криза, тие се секогаш подготвени.

„Имам правило – секогаш тргам 20%. Не е лесно, ама ми помогна многу пати кога немаше работа“, раскажува Бранко Младеновски, 29-годишен графички дизајнер. „Луѓето не разбираат дека стабилноста не доаѓа од голема плата, туку од дисциплина“.

„Шопинг терапија“

Нов месец – нов пар патики, нова јакна, нов парфем. Овој тип луѓе веднаш тргнува во продавници, како да му се одмаздуваат на месецот во кој се ограничувале.

„Цел месец гледам што има на попуст. Кога ќе легне платата, одам и си купувам“, објаснува 24-годишната студентка Јована Донева. „Не ми е гајле што после ќе се стегам, барем ми е убаво првите 10 дена“.

„Домаќинот од маало“

Овие луѓе, уште пред платата да легне, веќе знаат каде ќе оди секој денар. Гледаат на долги патеки, инвестираат во домот, купуваат дрва, поправки, нешто за децата или за во фрижидерот.

„Јас не сум од оние што се фрлаат пари на глупости“, вели Дарко Илиевски, 38-годишен мајстор за керамика од Ѓорче Петров.

Платата е иста за сите на прв поглед – бројка на екран – но тоа што ќе направиме со неа открива многу за нашата личност.

Без разлика дали си „време е за кркање“ или „тајниот штедач“, важно е да знаеш каде оди твојот труд. А ти, во кој тип се пронајде?

    Б.З.М.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ

    ХОРОСКОП