Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп денеска соопшти дека повеќе од 50 земји стапиле во контакт со Белата куќа за преговори за царинските мерки воведени од Вашингтон, предупредувајќи дека овие разговори би можеле да траат неколку месеци.
„Повеќе од 50 земји и се обратија на владата за да ги намалат трговските бариери, тарифите и да ги запрат валутните флуктуации“, изјави секретарот за финансии Скот Бесент за NBC.
Трамп, чии соопштенија доведоа до пад на пазарите и предизвикаа глобална врева, ги обвини економските партнери на САД дека ги „ограбуваат“.
Затоа американскиот претседател одлучи да воведе универзална стапка од 10 отсто царина за сите производи увезени во САД, која стапи на сила во саботата.
Тој процент ќе биде зголемен од среда, за Европската унија (20 отсто) и Кина (34 отсто).
„Ќе видиме дали тоа што го нудат е веродостојно, бидејќи по 20, 30, 40, 50 години лошо однесување, не можете да почнете од нула“, рече Бесант.
Додека Кина веднаш одговори на новите американски тарифи со објавување на сопствени царини, европските лидери ги зајакнаа контактите во текот на викендот пред состанокот на министрите за надворешна трговија на ЕУ во понеделник во Луксембург за да подготват „европски одговор на САД“.