6 мај, 2025
ПочетнаКАРИЕРАРабота од дома - што сè би жртвувале за да избегнете одење...

Работа од дома – што сè би жртвувале за да избегнете одење во канцеларија?

Пандемијата донесе промени кои значително го изменија начинот на работа и ги натераа компаниите и вработените на сериозни компромиси.

Иако работата од дома на почетокот изгледаше како привилегија, денес многумина се подготвени да жртвуваат дури и дел од приходите за да продолжат со ваков тип на работа.

Истражување спроведено од тим економски аналитичари покажа дека околу 65% од испитаниците би прифатиле намалување на платата за дури 15%, само за да задржат работа од дома.

Уште поинтересен е фактот што 48% од нив би работеле подолго за исти или дури пониски плати, но под услов да ја избегнат канцеларијата.

Тамара Николиќ, маркетинг-менаџер во ИТ-компанија, вели дека таа е подготвена да се откаже од одредени финансиски бенефиции за да си го задржи сегашниот начин на работа.

„Јас сум мајка на две мали деца и работата од дома за мене е вистинско спасение. Иако дома работам повеќе часови и ми е посложено да го разграничам приватниот од професионалниот живот, повеќе никогаш не би се вратила во канцеларија. Би прифатила и помала плата, но само да го задржам ова ниво на флексибилност“, вели Тамара.

Филип Јовановски, програмер од Битола, додава дека за него работата од дома значи подобар квалитет на живот, и покрај тоа што работи подолго.

„Моето работно време сега е речиси неограничено. Често се случува да работам и по 10 часа дневно, но самата можност во меѓувреме да направам пауза и да прошетам во парк, ми е многу важна. Ако компанијата од мене побара да прифатам 10% помала плата, само за да работам од дома, без проблем би прифатил“, вели тој.

Сепак, ваквите компромиси не ги поддржуваат сите.

Бојана Софијанова, дипломиран економист, тврди дека за неа ваквата замена е неприфатлива.

„Работата од дома ја гледам како двојна обврска, бидејќи никогаш вистински не излегувам од улогата на вработен. Наместо да работам помалку, реално работам повеќе, а ако на тоа додадам и пониска плата, тогаш навистина не гледам логика“, вели Софијанова.

Социологот Љубица Маџовска објаснува дека вработените кои се согласуваат на помали плати и на подолго работно време за да останат дома, всушност го ценат чувството на слобода и удобност повеќе отколку парите.

„Оваа состојба укажува на промена на вредностите кај современиот човек. Луѓето денес повеќе ги ценат времето, удобноста и слободата, а помалку традиционалните бенефиции како високи плати или кратко работно време“, вели Маџовска.

Без разлика дали компаниите ќе прифатат вакви компромиси, јасно е дека желбата за работа од дома е поголема од кога било и дека многумина се спремни да направат значајни жртви за да ја задржат оваа придобивка.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП