Кинеското Министерство за финансии ќе инјектира 69 милијарди долари во четири од најголемите државни банки во земјата преку понуда на акции, по ветувањето на владата за зголемување на капиталните бафери, пишува „Bloomberg“.
Банките „Bank of Communications Co.“, „Bank of China Ltd.“, „Postal Savings Bank of China Ltd.“ и „China Construction Bank Corp.“ се подготвуваат да соберат вкупно до 520 милијарди јуани (72 милијарди долари) преку дополнителна понуда на акции.
Министерството за финансии ќе биде најголем инвеститор на сите предложени пласмани со вкупно учество од 500 милијарди јуани.
Кина сака да ја подобри стабилноста на својот банкарски систем, иако шесте најголеми кредитори во земјата имаат нивоа на капитал што ги надминуваат барањата, откако воведе серија политики за стимулирање на економијата, вклучително и намалување на каматните стапки на хипотеките.
Банките ќе издаваат нови акции со премија од 8,8% до 21,5% над цената на акциите на крајот од последната трговска сесија во Шангај минатата недела за да го надополнат својот капитал од ниво 1.
Министерството за финансии ќе ја пушти во продажба првата серија специјални државни обврзници за 500 милијарди јуани оваа година за поддршка на четирите заемодавачи, при што одделот очекува потегот да донесе долгорочни приноси за инвеститорите.
Под притисок да ја поддржат економијата во изминатите неколку години, кредиторите се соочија со рекордно ниски маржи, забавување на растот на профитот и растечко портфолио на лоши долгови. Нето каматната маржа на секторот, мерка за профитабилност, падна на 1,52% на крајот на 2024-та година, што е најниско ниво до сега.
Поголемите капитални бафери ќе им овозможат на кредиторите потенцијално да обезбедат повеќе заеми бидејќи Пекинг вети поголема поддршка за низа економски сектори, вклучително домување и технологија, за да ја исполни својата цел за раст од околу 5% оваа година.