22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗеленски постави ултиматум за договорот за минерални суровини

Зеленски постави ултиматум за договорот за минерални суровини

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина нема да се согласи на никаков договор за експлоатација на нејзините природни ресурси со Соединетите Држави, доколку тоа ги загрози амбициите на Украина за членство во Европската унија.

Зеленски рече дека Киев добил нацрт-договор од Вашингтон за вредни украински ресурси. Сепак, според украинскиот портал „Европска правда“, понудената зделка би можела да биде во спротивност со критериумите за економски суверенитет што Украина мора да ги исполни за да влезе во ЕУ, пренесува Индекс.

Еден ден претходно, „Фајненшл тајмс“ објави дека најновиот предлог на САД вклучува формирање заеднички инвестициски фонд преку кој Вашингтон ќе има контрола врз сите минерални ресурси на Украина – вклучувајќи нафта, гас и клучна енергетска инфраструктура. Украинските власти стравуваат дека таквиот аранжман ќе го поткопа економскиот суверенитет на земјата.

Зеленски го истакна својот ултиматум: „Не може да се прифати ништо што може да го загрози пристапувањето на Украина во Европската унија“.

Првиот вицепремиер и министер за економија Јулија Свириденко изјави: „Работната верзија што ја добивме во основа ги одразува ставовите и пристапот на американските правни експерти. Во моментов го формулираме нашиот одговор“.

Постојано менување на условите на договорот

Првата верзија на договорот, која Киев претходно ја прифати, предвидуваше дека половина од приходите од експлоатацијата на државните ресурси – вклучително и нафтата, гасот и логистичката инфраструктура – ќе бидат инвестирани во заеднички фонд што ќе се користи во корист на Украина. Сепак, таа верзија не вклучуваше никакви безбедносни гаранции, што беше едно од клучните барања на Киев.

Договорот, наводно, требаше да биде потпишан на 28 февруари, но тој беше одложен по несогласувањата меѓу Зеленски и актуелниот американски претседател Доналд Трамп. Трамп претходно ја спомена можноста за искористување на ретките метали на Украина како некаков вид компензација за американската воена помош. Според проценката на Здружението Кил, вкупната вредност на таа помош од почетокот на војната е околу 123 милијарди долари. Администрацијата на Трамп повторно воведе клаузула која ќе бара од Украина да го врати целиот износ – што Киев одби да го признае како долг во контекст на преговорите за минерали.

Зеленски изјави дека Украина не прифаќа ретроактивно враќање на средствата што веќе ги добила како помош, но е подготвена да преговара за враќање на секоја идна помош. Договорот мора да помине и на гласање во украинскиот парламент, а клучните пречки, вклучително и безбедносните гаранции и зачувувањето на економскиот суверенитет, се уште не се решени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП