22 април, 2025
ПочетнаКАРИЕРАКако изгледа денот на еден пчелар?

Како изгледа денот на еден пчелар?

Сонцето штотуку изгрева, а Сашко Јованоски од село близу Куманово, веќе е пред своите кошници.

Облечен во бело заштитно одело и со чадалка во рака, го започнува својот ден. Секоја минута е важна, особено во пролетните месеци кога пчелите се најактивни.

„Моето утро почнува во 5 часот, некогаш и порано. Пчелите се вредни суштества, па морам да бидам чекор пред нив“, вели Јованоски додека внимателно ја отвора кошницата, проверувајќи ја состојбата во неа.

Тој со пчеларство се занимава веќе 8 години, а љубовта кон овој занает ја наследил од својот дедо.

Работата на пчеларот не завршува со собирање мед. Напротив, секој ден има различни активности.

Пчеларот треба да внимава на состојбата во кошницата, дали има заболени пчели, дали има доволно храна или дали пчелите се нападнати од штетници.

„Овој период е особено важен. Мора да внимавам дали има матица во секоја кошница, дали има доволно простор за новите генерации пчели. Ако се појави некој проблем, мора веднаш да реагирам“, вели Јованоски додека со чадалката ги смирува пчелите.

Откако ќе заврши со проверката, Сашко се посветува на хранење на пчелите со сируп, особено во периоди кога нема доволно природна храна во природата.

Тој објаснува дека пчелите бараат постојано внимание, грижа и љубов, исто како и секој друг жив организам.

Пчеларењето за Сашко не е само професија, туку и начин на живот. Во текот на денот ги подготвува теглите со мед, ги чисти кошниците, а навечер времето го користи за да чита нови информации и техники за подобрување на својот бизнис.

„Пчеларството бара многу трпение, посветеност и знаење. Јас постојано учам и се подобрувам. Секој ден е нов предизвик, но кога ќе видите полни тегли со мед кои сами сте ги произвеле, чувството е незаменливо“, споделува Јованоски.

Најголемите предизвици со кои се соочуваат пчеларите, според него, се климатските промени, пестицидите и намалувањето на интересот кај младите за оваа дејност.

„Младите ретко сакаат да се занимаваат со пчеларство. Но, без пчелите нема живот. Тие се важни за целокупниот екосистем. Ако нема пчели, нема да има ниту овошје, ниту зеленчук, ниту мед“, потенцира Јованоски.

Со зајдисонцето, работата полека завршува. Сашко внимателно ги затвора кошниците и си оди дома, задоволен и уморен од денот. Следното утро повторно ќе биде таму, со истата љубов и посветеност.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП