Денар: Со повеќе од 20 години искуство во банкарскиот сектор, што беше мотивот да го започнете TrustFin и да преминете во консултантскиот свет?
Мотивот и идејата за TrustFin произлегоа токму од нашето долгогодишно искуство во банкарскиот сектор и континуираната комуникација со клиентите – компаниите во врска со нивните потреби за нормално функционирање во комплексното деловното окружување. Имено, со текот на времето забележавмедека јазот во комуникацијата помеѓу компаниите и банките сè повеќе се продлабочува, со што се зголемува потребата за постоење на медијатор во таа комуникација. Сметаме дека сето она што сме го научиле во текот на својата кариера, можеме на едноставен и успешен начин да го примениме во работата и со компаниите и банките, што вооедно и беше идејата за креирање на нашато мото – НИЕ ГО ЗБОРУВАМЕ ЈАЗИКОТ НА БАНКИТЕ, А ИГРАМЕ ЗА ВАШИОТ ТИМ!
Во денешниот динамичен финансиски свет, банкарската регулатива станува сè покомплексна, што доведе до зголемување на барањата на банките кон нивните клиенти. Од друга страна, компаниите, чиј главен фокус се растот и развојот, честопати не можат да ги следат и разберат сите регулаторни и пазарни промени. Ова создава предизвици во нивната соработка со финансиските институции и ја ограничува нивната способност да пристапат до соодветни финансиски извори на средства и продукти.
Токму затоа заедно со мојот бизнис-партнер Ана Маркиќ Мазнев, започнавме да ја градиме TrustFin за да им помогнеме на компаниите да се прилагодат на овие динамични промени, да ја подобрат својата финансиска структура, да ја унапредат својата организациска поставеност и да изградат одржливи односи со банките и своите деловни партнери.
Нашата мисија е да ги обединиме најдобрите практики од банкарскиот и корпоративниот сектор и да создадеме решенија кои носат вистинска вредност за нашите клиенти.
Денар: Како вашето искуство како човек кој долго време бил на раководни позиции во НЛБ Банка (Раководител, Директор на сектор, Помошник на Управен Одбор) влијаеше на формирањето на визијата за TrustFin и услугите кои ги нудите?
Моето повеќегодишно искуство на раководни позиции во НЛБ Банка, заедно со експертизата на Ана – консултант за банкарско и корпоративно работење, овозможи лесно и јасно да ја дефинираме визијата на TrustFin и услугите што ги нудиме.
Во текот на нашата банкарска кариера постојано сме граделе и развивале нови процеси и решенија од самиот почеток. Токму овој пристап ни дава енергија и мотивација – веруваме дека длабокото разбирање на банкарските процеси, регулативите и предизвиците може успешно да го пренесеме на нашите клиенти, помагајќи им да ги надминат предизвиците, да се прилагодат на промените и да го реализираат својот целосен потенцијал.
Во денешно време, сложеноста на банкарското работење, честите измени во регулативите и потребата за ефикасно управување со капиталот бараат стратешки пристап и специјализирана експертиза. Банките се соочуваат со сè поголема конкуренција и мора да имплементираат нови стратегии за привлекување и задржување на клиентите. Истовремено, ESG (Environmental, Social, and Governance) критериумите поставуваат нови стандарди за финансиските институции, наметнувајќи усогласеност со одржливите банкарски практики и одговорното финансирање.
Овие сознанија беа клучни во дизајнирањето на понудата на услуги и формирањето на визијата за TrustFin – консултантска компанија што нуди иновативни решенија за подобрување на банкарските процеси, оптимизација на наплатата и имплементација на нови стратегии за управување со клиентите, ризиците и ESG усогласеноста.
Од друга страна, многу компании се соочуваат со предизвици во управувањето со ликвидноста и прилагодувањето кон брзите промени на пазарот. Честопати, тие немаат јасен пристап кон финансиско планирање, што доведува до проблеми со одржливоста на бизнисот.
TrustFin е создаден да им помогне на компаниите преку стратешко финансиско советување, оптимизација на готовинските текови и унапредување на нивните односи со банките и останатите засегнати страни да постигнат финансиска стабилност и раст.
Нашата цел не е само да дадеме совети, туку и активно да учествуваме во реализацијата на стратешките планови на компаниите. Наместо стратегиите да останат само на хартија, обезбедуваме нивна реална имплементација со ефективна примена, што значително ги намалува ризиците од неуспех.
Денар: TrustFin нуди уникатни и иновативни решенија за компании и банки. Со оглед на краткиот период на Вашето постоење , дали може ли да ни откриете примери од конкретни решенија кои TrustFin ги има имплементирано и како тие им помогнаа на клиентите?
И покрај краткиот период на постоење на нашата компанија, веќе можеме да кажеме дека сме ангажирани на различни проекти.
Дел од нив ги работиме со компании кои се соочуваат со финансиски потешкотии, пред сè поради погрешни деловни одлуки, додека дел од проектите ги работиме со компании кои се успешни и докажани на пазарот, но свесни дека состојбата на статус кво не носи напредок, односно дека една компанија мора континуирано да се развива за да може да се прилагоди на турбулентното окружување, развојот на нови технологии, зголемената конкуренција, регулативи.
Нашиот ангажман опфаќа редизајнирање на деловните процеси, со цел воспоставување на одржливи бизнис-модели, обезбедување на оптимизирано деловно работење и долгорочна финансиска стабилност.
Покрај длабинска анализа на финансиските и оперативните перформанси, изработка на стратешки планови и редизајн на организациските структури и процеси, нашата услуга е креирана да даде поддршка и во самата имплементација на стратегиите, посредување при преговори со банки и финансиски институции, рефинансирање на кредитните изложености и развој на одржливи модели за финансирање, како и тековна поддршка преку редовно следење на финансиските перформанси.
Во однос на банките и финансиските институции, веќе имаме воспоставена соработка со една банка во делот за користење на нашите услуги за советување и толкување на банкарската регулатива, оптимизација на процесите за наплата, управување со нефункционални кредити (NPL) и посредување во наплатата на проблематичните пласмани. Исто така, успешно соработуваме и со финансиски институции кои се занимаваат со факторинг, обезбедување на свежи финансиски средства за ликвидност на компаниите и наплата на пласмани обезбедени со хипотеки.
Преку понудата на услугите им помагаме на компаниите и банките поуспешно да ги совладаат комплексните финансиски предизвици – од финансиското работење и организациското (пре)структурирање, па сѐ до развој на иновативни бизнис-модели и приспособување кон динамичното деловно опкружување. Крајната мисија на TrustFin е секој наш клиент да постигне одржлив раст и долгoрочен успех, потпирајќи се на решенија креирани специјално за него.

Денар: Како го гледате предизвикот на прилагодување на компаниите и банките кон брзите промени во финансискиот и деловниот свет? Како TrustFin им помага да се соочат со тие предизвици?
Брзите промени во финансискиот и деловниот свет бараат флексибилност и проактивен пристап. Доколку во минатото промените во економското окружување се случуваа во период од неколку месеци или години, денес тие се случуваат во рок од неколку дена. Поради ова, финансиските институции и компаниите мора брзо да се прилагодат на новонастанатите промени доколку сакаат да растат, да се развиваат, а некои дури и да опстојат на пазарот.
Предизвикот на прилагодување за компаниите и банките е голем, и она што можам да го кажам е дека особено компаниите сè уште не се спремни брзо да се адаптирааат на новите промени, пред сè поради недостигот на квалитетен кадар за да се спроведат промените во рамките на компанијата. Кај банките ситуација е подобра, но со оглед на тоа што и кај нив квалитетниот кадар станува дефицитарен, потребна е изработка на поинаква стратегија за одговор на брзите промени, кои, меѓу другото, би значеле и користење на надворешна експертиза во различни сегменти.
Токму и во тој контекст е дизајнирана понудата на услуги што ги обезбедува TrustFin. Нашата цел е да им помогнеме на банките и на компаниите да се прилагодат брзо и ефикасно на динамичните промени. Ова им овозможува да се фокусираат на нивните основни деловни функции, додека ние нудиме:
- Целосна поддршка во процесите на адаптација и трансформација.
- Непристрасна перспектива во спроведувањето на активностите, ослободена од внатрешни конфликти и наследени процеси.
Денар: CRM (Customer Relationship Management) е споменато како една од области на кои работите. Како TrustFin помага во оптимизирање на процесите и подобрување на односите со клиентите?
Еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат банките и финансиските институции, покрај регулаторните барања, е сè побрзиот развој на технологиите, кој, пак, од своја страна во финансискиот свет резултираше со појава на Финтек услуги, а со тоа и сè поголема конкуренција во финансискиот сектор.
Ова наметнува потреба секој учесник на пазарот – без разлика на големината, дејноста или индустријата – да се фокусира на клиентот доколку сака да има одржлив раст и развој. Основата на секоја деловна стратегија треба да биде подобро задоволување на потребите на клиентите. Токму затоа услугите на TrustFin се насочени кон развој на прилагодени CRM стратегии, кои придонесуваат за:
- Подлабоко разбирање на потребите и однесувањето на клиентите.
- Оптимизација на процесите на интеракција, што води до зголемување на лојалноста и задоволството на клиентите.
- Персонализирана понуда на производи и услуги, што создава конкурентна предност.
- Автоматизацијата на процесите – како што се продажбата, маркетингот и услугите – им овозможува на тимовите да се фокусираат на стратешки задачи наместо на рутински активности и придонесува за зголемување на продуктивноста и ефикасноста.
Денар: Со оглед дека постојат низа компании за консултантски услуги во земјава, што според вашето мислење е она што го разликува ТрустФин од останатите вакви комапнии?
Постојат неколку клучни аспекти кои сметаме дека нè прават различни од останатите консултантски компании во земјата, а кои воедно се преточени и во самата понуда на услуги кои ги нудиме:
Длабинско познавање на банкарскиот и финансискиот сектор – Со повеќе од 35 години збирно искуство во водење сложени процеси во банкарството, особено во корпоративниот сегмент, управување со ризици, проблематични пласмани, корпоративно реструктурирање и финансиска анализа, ние носиме практично знаење што директно им помага на клиентите во донесувањето стратешки одлуки.
Широка мрежа на експерти – Освен на сопственото искуство, TrustFin се потпира и на голем број надворешни консултанти со богато искуство во банкарскиот сектор и во низа други области, како што се:
- ESG (Environment, Social & Governance)
- Правна поддршка, присилна наплата, стечајни постапки
- Проектно финансирање
- Факторинг и инвестиции
- Маркетинг и бизнис-стратегија.
Прилагодени решенија според специфичните потреби на клиентите – Наместо универзален пристап, нудиме индивидуализирани стратегии и решенија за секој клиент, базирани на темелна анализа на нивниот бизнис-модел, финансиска состојба и идни предизвици.
Експертиза во управување со проблематични пласмани и наплата – За разлика од многу други консултантски компании, TrustFin нуди уникатна комбинација на знаење од финансии, наплата на побарувања, управување со нефункционални кредити (NPLs) и корпоративно реструктурирање. Ова ни овозможува ефикасно да ги водиме клиентите низ сложени процеси со висока успешност.
Стратешко партнерство и имплементација – Не се фокусираме само на давање совети, туку активно учествуваме во имплементација на стратегиите. Нашиот пристап вклучува долгорочна соработка и следење на резултатите, што е клучно за одржлив успех.
Висок степен на доверливост и професионализам – Со оглед на тоа што работиме со финансиски чувствителни информации, за нас е од клучно значење да одржуваме највисоки стандарди на доверливост и етика.
Токму овие елементи го прават TrustFin препознатлив и сигурен партнер за банките, компаниите и институциите кои бараат докажана експертиза и практични решенија за финансиско управување и оптимизација на процеси.
Денар: Како TrustFin планира да се развива во иднина? Дали има нови услуги или пазари кои се во фокусот на вашите долгорочни стратегии?
Планот е да одиме чекор по чекор во развојот на нашата компанија. Најбитно за нас, пред сè, е да го реализираме нашиот план за понуда на квалитет и tailored-made услуга за нашите клиенти. Она што нè исполнува е да бидеме дел од заедничките успешни проекти и приказни кои ќе ги создаваме заедно со нашите клиенти, затоа што сметаме дека тоа е единствениот начин за успех
Секако, во иднина TrustFin планира да развие нови услуги во областа на дигиталната трансформација и одржливото финансирање. Во фокусот, пред сè, се македонските компании, но со оглед на тоа што постои комуникација и со надворешни соработници од балканскиот регион, не ја исклучуваме можноста, доколку се обезбедат услови, да го прошириме своето работење и присуство на регионалните пазари.
Денар: Кои се клучните фактори кои ги земате предвид при градење на долгорочни партнерства со вашите клиенти и како тоа влијае на успешноста на TrustFin?
Основните вредности што ги изградивме во текот на нашата кариера преку долгогодишното искуство во банкарскиот сектор се темелот врз кој ја градевме TrustFin.
Клучните фактори што нè водат се интегритет, квалитет, транспарентност, доверба, посветеност и длабоко разбирање на потребите на клиентите.
Градењето на долгорочни партнерства врз овие принципи ни овозможува да обезбедиме прилагодени и персонализирани решенија за секој клиент, што директно влијае на успешноста на TrustFin и на задоволството на нашите клиенти.