Преговарањето за повисока плата е предизвик со кој многумина се соочуваат, но ретко кој се чувствува доволно подготвен да ја започне таа дискусија.
Во Македонија, каде што платите често се сметаат за ниски, а работодавачите ретко нудат зголемување без иницијатива од страна на вработениот, вештината на преговарање станува клучна.
Подготовката е клучот
Пред да влезете во разговор за повисока плата, важно е да направите детална подготовка.
Економскиот аналитичар Ведран Кузмановски вели дека вработените најпрво треба да истражат колкави се просечните плати за нивната позиција во секторот.
„Постојат платформи како Paylab и различни огласи за работа каде што можете да видите каква е реалната плата за вашата професија. Ова ќе ви даде објективна основа за преговарање“, вели Кузмановски.
Дополнително, направете список на вашите достигнувања во компанијата.
Доколку имате зголемена продуктивност, донесени нови клиенти или сте помогнале во зголемување на профитот, тоа треба да биде дел од вашата аргументација.
Изберете го вистинскиот момент
Времето на барањето е исто толку важно како и самото барање. Според експертите, најдобар момент за преговори е кога компанијата бележи добри финансиски резултати.
„Доколку сте доведен во тимот во клучен момент или сте одиграле значајна улога во завршување на голем проект, тогаш тоа е вистинскиот момент да побарате покачување. Исто така, преговорите најчесто се поуспешни за време на годишните оценки за перформансите“, објаснува Кузмановски.
Како да го формулирате барањето?
Тоналитетот на барањето за повисока плата треба да биде професионален, но и самоуверен.
Наместо да користите изрази како „Мислам дека заслужувам зголемување“, поефикасен пристап е: „Во последните шест месеци значително го подобрив работењето на тимот, што резултираше со 20% зголемен профит. Би сакал(а) да разговараме за зголемување на мојата плата за да ја одрази мојата вредност за компанијата“.
Што ако добиете негативен одговор?
Не секој обид за покачување на платата е успешен, но тоа не значи дека треба да се откажете.
Аналитичарите велат дека одбивањето може да биде можност за идно унапредување.
„Ако добиете одбивање, прашајте што конкретно треба да постигнете за да ја добиете таа плата во иднина. Доколку вашиот работодавач не може да ја зголеми платата, можно е да побарате други бенефиции, како флексибилно работно време, можност за доедукација или бонуси“, објасуваат познавачите.
Културата на преговарање треба да се промени
Во Македонија, праксата на преговарање за повисока плата не е толку развиена како во западните земји.
Многу вработени се плашат да побараат повеќе, стравувајќи дека тоа ќе биде сфатено како незадоволство од работното место.
„Вработените треба да знаат дека преговарањето е нормален процес и дека работодавачите очекуваат такви разговори. Колку повеќе луѓе почнат да преговараат, толку повеќе ќе се промени културата во нашата економија“, заклучува Кузмановски.
Затоа, следниот пат кога ќе размислувате за повисока плата, не плашете се да ја преземете иницијативата.
Со соодветна подготовка, добро избран момент и правилна комуникација, шансите за успех значително се зголемуваат.
Б.З.М.