Изгледа дека караваните на „Volvo“ се на работ на истребување, а сега доаѓа официјална потврда: според извршниот директор Џим Роуан, „Volvo“ повеќе не гледа потреба од каравани во својата иднина.
Ова е голема промена во стратегијата, имајќи предвид дека „Volvo“ со децении е синоним за каравани.
Зошто „Volvo“ ги напушта караваните?
Во неодамнешното интервју за „AutoExpress“, Роуан објасни дека производството на нови модели е многу скапо и дека е поисплатливо да се развијат повеќе варијанти на иста платформа и со ист тип на каросерија.
„Изнесувањето нови модели на пазарот е скапо. Многу е поисплатливо да се постигне поголем обем на продажба преку истата механичка платформа и истиот формат на возилото“, вели Роуан.
Јасно е дека „Volvo“ е решен да профитира од растечката популарност на SUV возилата. Наместо да инвестира во развој на нови каравани, „Volvo“ ќе се фокусира на различни верзии на SUV моделот, вклучувајќи ги „Black Edition“ и „Cross Country“ пакетите.
Премин кон SUV модели
Роуан додаде дека пазарот очигледно се насочува кон теренци, а „Volvo“ сака да се фокусира на нив.
Оваа одлука доаѓа откако Роберт Дин, комерцијален директор на „Volvo UK“, изјави дека прекинот на моделите „V60“ и „V90“ на пазарот во Велика Британија во 2023-та година е грешка.
„Кога ќе им кажете на клиентите дека караваните повеќе не се достапни, тие само одат кај други производители“, рече Дин.
Навистина, „BMW“ и „Audi“ сè уште нудат атрактивни каравани, што можеби е една од причините зошто „Volvo“ не сака да влезе во директна борба за овој сегмент.
„Volvo“ не сака премногу модели во својата гама
Роуан нагласи дека „Volvo“ свесно избира во кои сегменти сака да се натпреварува.
„Ние правиме многу внимателен избор за тоа каде сакаме да ја играме играта“, рече тој.
„SUV моделите нудат подигнато место за седење, високо ниво на безбедност – и веруваме дека можеме да ја одбраниме таа позиција од конкуренцијата. Многу е полесно отколку да имате премногу модели“, додава тој.
Од деловна перспектива, ова има смисла. „Volvo“ веќе планира пет нови модели за 2025-та година, вклучувајќи го електричниот „EX60“ и новиот „ES90“.
Ако овие модели бидат успешни, можеби „Volvo“ ќе ги преиспита караваните еден ден, но не треба да ги очекуваме во блиска иднина.