Кафето е еден од најважните глобални производи, омилено во целиот свет. Податокот дека дневно се пијат повеќе од 2,25 милијарди шолји кафе ширум светот доволно зборува за културата и ритуалите поврзани со овој напиток. Како најпродаван артикл на берзата после нафтата, кафето има и многу значајно економско влијание, бидејќи претставува огромен дел од светската трговска размена.
Светскиот пазар на кафе во последните неколку години доживеа тектонски промени – цените достигнаа рекордно ниво, а незапирливиот растечки тренд продолжи и во првите два месеци од оваа година – па така арабиката на њујоршката берза неодамна достигна цена од дури 420 центи по фунта!
На просечниот потрошувач од Македонија кој во текот на годината испива околу 4 килограми кафе овој податок не му значи многу, но ако го преведеме ова во јазикот на процентите, тоа значи дека од февруари 2024 до февруари 2025, цената пораснала за 140%. Ниту ситуацијата со робуста не е многу подобра, бидејќи во однос на февруари минатата година – цената се има удвоено. А сите овие промени се одразуваат и на цената на кафето која ја гледаме на рафтовите во маркетите.
Од почетокот на 2024 година, пазарот на кафе го погоди „совршена бура“, односно се случи да неколку различни фактори кои влијаат да делуваат истовремено и тоа предизвика огромен раст на цената. Најпрво, нестабилната ситуација со транспортот, односно логистичките предизвици кои почнаа уште со пандемијата пред скоро пет години, дополнително беа погодени од геополитичките немири, па поморските рути станаа уште позафатени, а со тоа и поскапи. Од друга страна, климатските промени веќе со години влијаат на намалените приходи. Така, се очекува дека долгата суша во Бразил, најдолга од 1981 година наваму, ќе влијае за значително послаба берба. На пазарот на кафе во прилог не му одат последните глобални случувања, а побарувачката на кафе во светот е се’ поголема, најпрво поради промената во навиките на потрошувачите во Азија, континент кој се смета за најголем пазар во светот.
Притисоците се огромни, па за домашните производители да опстанат во овие услови, непоходно е да се прилагодат на сите промени на пазарот, поради долгорочна одржливост. Квалитетот на кафе на кој се навикнати потрошувачите, може да се одржи само преку ефикасно управување со трошоците бидејќи до крајот на годината нема изгледи дека цената на сировото кафе значајно ќе се намали. Потрошувачите, од друга страна, мораат внимателно да ги читаат декларациите за да бидат свесни за квалитетот на производот кој го купуваат.
„Важно е да се нагласи дека последиците од глобалните случувања во голема мера се рефлектираат на трговијата на домашни производи, бидејќи тие не се изолирани од поширокиот економски контекст. Како што цените на кафето на меѓународните пазари континуирано растат, домашните производители се соочуваат со значајни зголемувања на трошоците за набавка. Со оглед на тоа дека голем дел од домашното производство зависи од увозот на кафе, овие производители се приморани да ги прилагодат своите цени према растечките трошоци, што директно влијае на крајната цена на производот. Зголемувањата на цените на сировината, со можни додатоци за дополнителни трошоци за транспорт, обработка и пакување, создава предизвик за профитабилноста на претпријатијата. Со оглед на силната конкуренција на пазарот, производителите се соочуваат со дилема како да балансираат помеѓу одржувањето на конкурентноста и континуитетот на производство“, сметаат економските аналитичари.