22 април, 2025
ПочетнаМАКЕДОНИЈАОд љубопитност до зависност – сѐ повеќе млади заглавуваат со пороци

Од љубопитност до зависност – сѐ повеќе млади заглавуваат со пороци

Зависностите кај младите претставуваат сериозен општествен проблем кој со текот на времето зема сè поголем замав.

Користењето на алкохол и психоактивни супстанци веќе не е ретка појава, а загрижувачки е фактот што возраста на оние што експериментираат со овие супстанци сè повеќе се намалува.

Што ги тера младите да посегнат по овие пороци и како општеството може да реагира? Разговаравме со експерти и млади луѓе за да ја истражиме оваа тема.

Алармантни податоци и трендови

Според последните истражувања на институти за јавно здравје, процентот на млади кои консумираат алкохол и дроги е во пораст.

Социологот Љубица Маџовска вели дека овој проблем има повеќе корени.

„Причините за ваквото однесување се многубројни – од социјален притисок, недостаток на семејна поддршка, психолошки проблеми, па сè до лесната достапност на супстанци. Дополнително, младите често не се свесни за последиците, бидејќи зависностите се градат постепено“, објаснува Маџовска.

Таа нагласува дека особено загрижувачки е тоа што многу тинејџери започнуваат со алкохол уште на 14-15 години, додека дрогите, особено синтетичките, стануваат сè полесно достапни.

Што велат младите?

Разговаравме со неколку средношколци кои споделија свои искуства и ставови за оваа тема.

Петар (17) признава дека во неговото друштво алкохолот е нормален дел од викендите.

„Кога ќе излеземе, пиењето е речиси задолжително. Ако не пиеш, другите те гледаат чудно. Исто така, знам луѓе што пробале лесни дроги од љубопитност, а некои од нив продолжија со потешки супстанци“, објаснува нашиот соговорник.

Наташа (18) вели дека никогаш не пробала ништо, но постојано гледа како нејзини врсници се впуштаат во овие пороци.

„Проблемот е што многу млади не размислуваат за последиците. Прво почнуваат со цигари, потоа алкохол, а некои преминуваат и на дроги. Ги гледам како се менуваат, како стануваат зависни и како тоа им го уништува животот“, објаснува Наташа.

Последици врз здравјето

Експертите велат дека алкохолот и дрогите имаат разорно влијание врз младите организми.

„Кај адолесцентите, мозокот сè уште се развива. Алкохолот и наркотиците можат трајно да ги нарушат когнитивните способности, да предизвикаат депресија, анксиозност и да зголемат ризик од самоубиствени мисли. Многумина не сфаќаат дека една вечер експериментирање може да доведе до зависност која трае цел живот“, објаснуваат познавачите.

Психологот Сања Љубеновиќ смета дека решението е во рана едукација и промена на општествените навики.

„Мора да им се објасни на децата уште од рана возраст што значи зависност. Семејствата треба да бидат поддршка, а не критичари.

Наместо да им забрануваат на младите, треба да разговараат со нив и да ги насочуваат кон позитивни навики, како спорт или уметност“, советува Љубеновиќ.

Таа додава дека е неопходно и засилување на контролата во клубовите и кафулињата, каде што често малолетници можат лесно да купат алкохол.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП