22 април, 2025
ПочетнаСВЕТДали по средбата Трамп-Зеленски, Украина и Европа останаа сами пред Русија

Дали по средбата Трамп-Зеленски, Украина и Европа останаа сами пред Русија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се судри во, како што ја нарече, „зоната на дезинформации“ која Русија ја создаде околу американскиот претседател Доналд Трамп, но тоа може да ја загрози понатамошната американска поддршка за неговата земја.

Несакајќи пасивно да гледа како Трамп и потпретседателот Џ.Д. Венс покажуваат швајцарско ниво на амбивалентност кон руската инвазија на Украина, Зеленски ја отфрли вообичаената дипломатска игра за справување со Трамп – ласкање и сервилност – и директно возврати, пишува Си-Ен-Ен.

Сцената беше во целосна спротивност со средбите што Трамп ги имаше со уште двајца светски лидери оваа недела.

Францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер сакаа да го убедат Трамп да се сретне со Зеленски. И двајцата користеа ласкави тонови – Макрон ја евоцираше посетата на Трамп на Нотр Дам, додека Стармер лично му достави писмо од кралот Чарлс.

Зеленски требаше да потпише договор со САД во Белата куќа за заеднички развој на украинските наоѓалишта на ретки минерали, до кои Трамп сака пристап во замена за континуирана воена поддршка на САД. Сепак, Зеленски очигледно не можеше да молчи за ревизионистичката верзија на историјата во која Путин не е негативец.

Трамп, пак, го обвини за „коцкање со Третата светска војна“.

Следеше жестока дебата во Овалната соба, водена пред новинари, без преседан во Белата куќа пред ТВ камери во живо.

Подоцна, Трамп го избрка Зеленски од Белата куќа и објави изјава на социјалните мрежи.

„Претседателот Зеленски не е подготвен за мир доколку Америка е вклучена, бидејќи чувствува дека нашето присуство во преговорите му дава голема предност“, напиша Трамп. „Не сакам предност, сакам МИР. Тој покажа непочитување кон Соединетите Американски Држави во нивната света Овална соба. Тој може да се врати кога ќе биде подготвен за мир“.

Американците не се навикнати да го гледаат Трамп видно изнервиран – уште помалку во конфликт со лидер на демократска земја на која САД и даваат воена помош.

Венс, исто така, се огласи и ја поттикна дебатата велејќи дека Американската осуда на Путин за време на администрацијата на Бајден донесе само години војна.

„Патот кон мирот и патот до просперитетот може да лежи во дипломатијата“, рече Венс, бранејќи ја очигледната доверба на Трамп во Путин. „Ја испробавме рутата на Џо Бајден, маршутата со удари во градите“, додаде тој.

Зеленски возврати дека Путин веќе ги прекршил договорите, како оној постигнат во 2019 година, кога Трамп беше на функцијата. Зеленски не го спомна тоа, но договорот беше постигнат во време кога Трамп се подготвуваше за својот прв импичмент за задржување на помошта за Украина и притисок врз украинските власти да започнат истрага против Бајден.

И Венс и Трамп го обвинија Зеленски дека не е доволно благодарен за помошта што Украина и тој лично ја добија од САД, а и двајцата го критикуваа Бајден. Зеленски одговори дека соработувал со Бајден затоа што американските гласачи го избраа за претседател во тоа време.

Иако Зеленски се обиде да изрази дополнителна благодарност за време на состанокот во Овалната соба, Трамп го прекина и го прекори, тврдејќи дека војната ќе заврши за „две недели“ без американската воена помош. Трамп, исто така, го преувеличи износот на американската помош за Украина, кој изнесува помалку од 200 милијарди долари, велејќи дека таа бројка е 350 милијарди долари.

Тогаш Зеленски го прекина Трамп, практично обвинувајќи го дека ја користи тезата на Путин дека војната ќе заврши за три дена без американската поддршка за Украина.

Трамп очигледно негува непријателство кон Зеленски и се чувствува близок со Путин.

„Путин помина низ пекол со мене“, рече Трамп. „Тој помина низ лажен лов на вештерки, каде што го искористија него и Русија. Русија, Русија, Русија“.

Тоа е упатување на проценката на американската разузнавачка заедница дека Русија се мешала во изборите во 2016 година за да и помогне на кампањата на Трамп. Посебна истрага потоа откри повеќекратни контакти меѓу кампањата на Трамп и Русите, но не беа пронајдени доволно докази за обвинение за дослух. Таа истрага фрли сенка на поголемиот дел од првиот мандат на Трамп.

Сега, повторно на функцијата, Трамп не го гледа Путин како непријател.

„Доналд Трамп ја смени страната во војната и мислам дека тоа е контекстот на конфликтот на кој штотуку бевме сведоци“, рече Сузан Глејзер, новинарка која напиша книга за подемот на Путин во Русија.

Во Русија, официјалните лица ја позајмуваат реториката на Трамп за да го пофалат американскиот претседател што „му одржа лекција“ на Зеленски.

„Дрската свиња конечно доби заслужена шлаканица во Овалната соба и Доналд Трамп е во право: режимот во Киев е „коцкан со Третата светска војна““, напиша Дмитриј Медведев, висок функционер во владата на Путин, во објавата на платформата X.

Зеленски, пак, повторно им се заблагодари на САД и на Трамп за поддршката, како конфликтот никогаш да не се случил.

„Ви благодарам Америка, ви благодариме за поддршката, ви благодарам за оваа посета. Ти благодариме претседателе, Конгресот и американскиот народ. На Украина и треба праведен и траен мир и токму на тоа работиме“, напиша Зеленски на „Х“.

Но, штетата може да биде непоправлива. Дури и републиканците кои ја поддржуваат Украина, како што е сенаторот Линдзи Греам од Јужна Каролина, почнаа да ја доведуваат во прашање можноста за соработка со Зеленски.

„Не знам дали некогаш повторно ќе можеме да работиме со Зеленски“, рече Греам пред Белата куќа во петокот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП