22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ е подготвена да го искористи своето најсилно трговско оружје против САД

ЕУ е подготвена да го искористи своето најсилно трговско оружје против САД

Европската унија соопшти дека е подготвена да го употреби своето најмоќно трговско оружје против Вашингтон, откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе огромни царини и ја обвини ЕУ дека е формирана за да ги измами Соединетите држави.

„Имаме инструмент против принуда и ќе мораме да го користиме“, рече европскиот комесар за земјоделство Кристоф Хансен во Париз по состанокот со француската министерка за земјоделство, Ана Женевар.

Тоа е инструмент кој предвидува широка одмазда како одговор на трговската дискриминација, како што се квоти, тарифи или ограничувања за странски инвестиции, пренесува Politico, наведувајќи дека тоа е „трговската базука“ на ЕУ, дизајнирана по првата администрација на Трамп.

Иако еврокомесарот за трговија Марош Шефчовиќ за време на неговата прва посета на Вашингтон минатата недела рече дека употребата на овој инструмент е само хипотетичка можност, Хансен зборуваше за неговата употреба откако Трамп рече дека ќе воведе царини од 25 отсто за „автомобилите и сè друго“.

Ставот на Трамп предизвика гнев во Европа, каде што политичарите веруваат дека е време Брисел да возврати.

„Нема да дозволиме да бидеме малтретирани, ниту со царини, ниту со закани во однос на нашето законодавство“, рече Бернд Лангде, претседател на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент.

На тврдењата на Трамп дека ЕУ е создадена за да ги измами САД, полскиот премиер Донад Туск одговори дека ЕУ не е формирана за да измами никого, туку дека е основана за одржување на мирот, градење почит меѓу народите, создавање слободна и фер трговија и зајакнување на трансатлантското пријателство.

Американскиот претседател, исто така, планира повторно да воведе царини за челик и алуминиум од 12 март, додека пошироките царински мерки би можеле да стапат на сила на почетокот на април, што, според Политико, може да доведе до ескалација на ситуацијата.

„Европската комисија мора да преземе брзи контрамерки како одговор на тарифната војна на Трамп“, рече Кетлин Ван Бремпт, потпретседател на трговската комисија на Европскиот парламент.

Лансирањето на инструментот против принуда бара поддршка од 15 од 27-те земји-членки на ЕУ, но пред тоа, првиот чекор на блокот ќе биде повторно да ги воведе казнените мерки што ги воведе како одговор на тарифите на Трамп за првиот мандат, имено за мотоциклите Харли-Дејвидсон, Кентаки бурбон или Флорида оринџ.

Овие тарифи најверојатно ќе се прошират за да го одразат обемот на новите тарифи на Трамп.

Европските производители на автомобили имаат од што да се плашат по трговските приговори на Трамп, имајќи предвид дека европските царини од 10 отсто за автомобили се четири пати повисоки од американските, а тимот на Трамп тврди дека данокот на додадена вредност од околу 20 отсто претставува трговска бариера, оценува Политико.

Исто така, додава тој, она што е уште позачудувачки за европските лидери е колку брзо нивната дипломатија го губи својот ефект врз Трамп.

Така, непосредно пред одлуката на Трамп да воведе царини од 25 отсто на увозот од ЕУ, францускиот претседател Емануел Макрон за Фокс њуз изјави дека се надева дека го убедил американскиот претседател да не води трговска војна против Европа, туку да се фокусира на Кина.

Сепак, по одлуката на Трамп, францускиот министер за буџет Ерик Ломбард предупреди дека доколку американскиот претседател ги потврди царините, Европа ќе го стори истото.

Од друга страна, италијанскиот министер за индустрија Адолфо Урсо смета дека еден начин да се смири Трамп би било да се усогласи со неговите барања за зголемување на трошоците за одбрана на Европа.

„Тарифите се врвот на ледениот брег, но одговорот на тарифите лежи во други аспекти“, заклучи Урсо.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП