24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКоњановски: Догодина еден милион евра за чистење на каналската мрежа

Коњановски: Догодина еден милион евра за чистење на каналската мрежа

Вкупно еден милион евра ќе бидат обезбедени догодина за чистење на каналската мрежа. Во 2013-та за оваа намена беа предвидени 40 милиони денари со кои се исчистени 104 километри канали за одводнување и наводнување.

Ова го изјави заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски по денешната посета на скопско Ново Село каде почна да се чисти каналот на потегот река Лепенец – с. Орман – с. Волково.

Станува збор за крак за наводнување долг 6,5 километри што, според надлежните, беше запоставен во изминатите 40 години.

– При неодамнешната посета на Волково жителите ни предочија дека ова им е огромен проблем. Затоа и го ставивме меѓу нашите приоритети. Но, тука нема да застанеме. Ќе продолжиме со активности наредната и 2015 година, системски, комплексно како досега. Ќе регулираме уште еден проблем, а тоа е зафатот на село Лепенец, истакна Коњановски и додаде дека санирањето на каналот Лепенец – Орман – Волково треба да се заокружи за околу еден месец.

Како што напомена градоначалникот на Ѓорче Петров Сокол Митровски, ова е голем чекор и придобивка не само за жителите, туку и за општината. Земјоделските површини кои се наводнуваат со каналот ќе може поинтензивно да се обработуваат, а тоа ќе значи и поголемо производство.

– Заменик-министерот Коњановски го одржа зборот. Му изразуваме голема благодарност и нему и на Министерството зашто еднаш засекогаш ќе го решиме овој проблем, изјави Воислав Ристевски од Водната заедница „Волково – Орман“.

Површините што добиваат вода од каналот Лепенец – Орман – Волково се меѓу најплодните во Скопско и на нив главно се одгледуваат ориз, пченица и пченка. Градоначалникот Митревски очекува по чистењето на кракот, жителите од околните населени места Никиштани, Орман, Волково, Стопански двор, да ја зголемат продукцијата со што, рече, ќе си го подобрат и стандардот.

Од 2006 година досега се исчистени вкупно 534 километра каналска мрежа. Секоја година Министерството за земјоделство прави посебни програми во соработка со водостопанствата и локалното население.

Во Скопско од вкупно санираните 104 километри канали, исчистени се 13,5 километри, покрај овој во Волково, плус 7 километри во општините Гази Баба, Петровец и Илинден главно наменети за одводнување. До крајот на годинава останува да се исчистат уште каналите во Карбинци, Зрновци и Кочани.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП