19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБРМ предвидува раст на македонската економија од 2,2 отсто

НБРМ предвидува раст на македонската економија од 2,2 отсто

dico

Најновата проекција на НБРМ за растот на македонската економија годинава е 2,2 проценти. Гувернерот Богов смета дека по стагнацијата на економијата во 2012 година ќе има умерен раст во наредните две години при очекувани нови приватни и јавни инвестиции.

– Имаме мала надолна ревизија на растот на БДП за 2013 година. Претходно очекувавме растот да биде 2,6 проценти, а за наредната година наместо 3,4 проценти очекуваме раст од 3 проценти, истакна гувернерот на НБРМ Димитар Богов на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека причина за надолната ревизија е падот на странската ефективна побарувачка особено од нашите најголеми трговски партнери.

– Како резултат на влошувањето на економските изгледи на евро-зоната, се очекува дека закрепнувањето на домашната економија ќе се одвива со малку поумерено темпо од претходно очекуваното, се до средината на 2014 година. Најновите показатели за економската активност упатуваат на стагнација во 2012 година и постепено економско закрепнување во наредните две години. Се очекува дека глобалното окружување ќе влијае стимулативно, односно ќе придонесе за постепено ревитализирање на извозниот сектор и ќе ги поттикне домашните инвеститори, што заедно со очекуваниот импулс од јавните и странските инвестиции, би довело до засилување на инвестицискиот циклус и негово задржување во текот на целиот временски хоризонт на проекциите. При вакви претпоставки, во 2013 година и во 2014 година се очекува раст на БДП од 2,2 отсто и 3 отсто, соодветно, поддржан од растот на домашната побарувачка и негативен придонес на нето-извозот, истакнуваат од НБРМ.

Народна банка на Република Македонија има и надолна ревизија на инфлацијата од претхдоните 3,5 на 3,2 проценти за годинава и од 2,6 проценти на 2,3 за 2014 година.

Во надворешниот сектор за 2013 најголеми ризици се она што ќе се случува со приливите на капитал. – Нашите очекувања се дека странските директни инвестиции ќе се засилат, одливите не можеме да ги предвидиме, ќе видиме какви ќе бидат движењата и во европската економија, рече Богов, додавајќи дека одлив на капитал има повторно поради кредити на компании од Македонија кои се во странска сопственост на компании од групацијата.

– Не станува збор за грчки компании. Меѓутоа, приливот на странски директни инвестиции во 2012 не е толку лош. Она што ги прави толку ниски странските директни инвестиции се одливите. Ако ги исклучиме одливите во три компании кои се значителни по основ главно на кредитирање на матичните компании и компании од групациите странските директни инвестиции би биле над 200 милиони евра, приближно на нивото од 2011., рече Богов.

Тој појасни дека само една компанија во ноември 2012 година направила одлив од 34 милиони евра.

На прес-конфернцијата гувернерот потенцира дека се очекува капиталните приливи во оваа и во наредната година да бидат доволни за покривање на дефицитот во тековната сметка и дополнителна кумулација на девизни резерви. Девизните резерви се оценува дека ќе се одржуваат на адекватно ниво.

Домашната побарувачка во 2013 и 2014 година ќе биде дополнително финансирана преку кредитирањето од страна на банките. Се очекува дека постабилниот амбиент, растот на депозитите, како и олабавувањето на монетарната политика на почетокот на јануари ќе обезбедат умерено забрзување на растот на вкупните кредити од 7,5 отсто, во 2013 година и 8,1 отсто на крајот на 2014 година.

Народната банка ќе ја остварува целта да се одржи ценовната и финансиската стабилност.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП