16 април, 2025
ПочетнаЗДРАВЈЕОвој витамин може да го намали ризикот од камења во бубрезите

Овој витамин може да го намали ризикот од камења во бубрезите

Зголемениот внес на витамин Б3 (ниацин) може да го намали ризикот од појава на камења во бубрезите, покажува најновото истражување, кое отвора можности за нова превентивна стратегија против оваа болна состојба.

Истражувачите анализирале податоци од Националната анкета за здравје и исхрана (NHANES), спроведена во периодот од 2007 до 2018 година, опфаќајќи 28.508 испитаници со просечна возраст од 47 години. Преку детална 24-часовна анализа на исхраната, учесниците пријавиле каков внес на храна имале, а воедно одговарале и на прашања поврзани со нивната историја на камења во бубрезите.

Ниацинот го намалува ризикот од камења за 22%

Резултатите покажале дека оние што консумирале најголеми количества на ниацин имале дури 22% помал ризик од развој на камења во бубрезите. Овој заштитен ефект бил најизразен кај лица под 60-годишна возраст.

Дополнителната анализа покажала дека камењата во бубрезите почесто се јавуваат кај мажи, постари лица, пушачи и луѓе со висок крвен притисок или дијабетес. Истовремено, оние кои внесувале помалку ниацин имале значително поголем ризик од развој на оваа состојба.

Како ниацинот штити од камења во бубрезите?

Истражувачите претпоставуваат дека антиоксидантните и антиинфламаторните својства на ниацинот можат да играат клучна улога во намалувањето на формирањето на кристали на калциум – главната причина за создавање камења.

Во која храна се наоѓа витаминот Б3?

За природен внес на ниацин, експертите препорачуваат исхрана богата со:

– Пилешки гради

– Туна и лосос

–  Мисирка

– Кикиритки

– Печурки

– Кафеав ориз

Иако наодите се ветувачки, научниците предупредуваат дека не може со сигурност да се тврди дека само зголемениот внес на ниацин го спречува формирањето на камења во бубрезите. Дополнителни фактори како хидратацијата, генетиката и здравствената состојба, исто така, имаат влијание.

Консултација пред земање додатоци

Додека внесувањето храна богата со ниацин може да биде корисно, експертите препорачуваат консултација со лекар пред земање додатоци во исхраната, за да се избегнат можни несакани ефекти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП