Се почести се најавите за промени во постапката и цената на таканаречениот зелен картон кој е задолжителен документ и тип на осигурување но и гаранција во случај на штетен настан предизвикан со возило во странство каде штетата треба да ја надокнади осигурителна компанија. Опозицијата подготвува, и во текот на следниот период ќе достават предлог до Собранието со кое ќе бараат поедноставување на постапката и поевтинување на зелениот картон. Очекувањата се дека сите пратеници едногласно ќе дадат поддршка за предлогот и на тој начин трошокот на вадење на овој документ ќе биде драстично намален.
Македонија е една од ретките земји во регионот но и пошироко каде граѓаните плаќаат висока цена за зелениот картон, сметаат од СДСМ. Информациите со кои располага оваа политичка партија се дека 70 отсто од сопствениците на возила во текот на една година вадат зелен картон, а трошокот кој граѓаните го плаќаат изнесува помеѓу девет и единаесет милиони евра, и тоа е премногу сметаат опозиционерите.
„Ова ќе биде директна помош за сите кои користат автомобили, бидејќи тој трошок ќе се намали и тоа значително, а тие средства ќе останат во семејниот буџет за друга намена. Решението го има во речиси секоја држава од соседството. А што е најважно, цената на чинење се движи околку 20 отсто од цената која што е кај нас. Односно оној трошок за годишна зелена карта би се намалил за околу 80 отсто. При самата регистрација на возилото да го има овој трошок за сите кој сметаме дека е незначителен, и го добива секој корисник“, велат од СДСМ.
Законското решение, односно неговата изработка е при самиот крај па очекувањата и најавите од опозициската партија се дека следниве денови ќе биде приложено ова предлог законско решение во законодавниот дом.
Што покрива зелениот картон: материјални штети како оштетени возила, објекти на патот и слично. Нематеријални штети во случај на повредени лица, загинати лица, надоместоци кон странски здравствени и пензиски фондови, односно сите штети кои се согласно важечките закони во земјата каде се случила сообраќајната незгода им следуваат на трети лица. Валидноста на Зелениот картон е поврзана со трајноста на полисата за автоодговорност. Односно, со истекот на полисата на автоодговорност, автоматски престанува и важноста на Зелениот картон. Премијата или цената на осигурување на полисата за Зелен картон кај патничките возила зависи од силината на моторот, а кај товарните возила таа е фиксна.
Засега патнички возила до 66 KW за годишен зелен картон треба да платат 3690 денари, за возила над 66 KW цената изнесува 5536 денари за годишна зелена карта. За месечни зелени картони цената се движи 1850 денари за возила до 66 KW, или 3075 денари за возила над 66KW.
И.П