Сезонската и повремената работа наскоро би можела да добие целосна правна рамка, откако во Собранието беше поднесен предлог-закон за ангажирање лица за овој вид работни ангажмани.
Законот, инициран од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, има за цел да стави ред во досега нерегулираниот пазар на краткорочна работа и да ги заштити работниците од неформални вработувања без социјални придобивки.
Со овој закон, земјоделците, угостителите, хотелиерите и домаќинствата ќе можат да вработуваат лица за извршување сезонски или повремени задачи, но под услов тие работници да бидат пријавени во Агенцијата за вработување и да се плаќаат соодветните даноци и придонеси.
Оваа новина треба да придонесе за намалување на „сивата економија“ и подобрување на заштитата на работниците кои досега честопати беа оставени без никаква социјална сигурност.
Кои категории лица можат да работат сезонски?
Предлог-законот предвидува дека како сезонски работници ќе можат да се ангажираат студенти, пензионери, невработени лица и корисници на социјална помош.
Важно е што овие лица нема да ги изгубат своите права на стипендија, старосна или семејна пензија, како и надоместоците за невработеност и социјална заштита.
Со овој закон, првпат се дозволува и вработување на малолетници под 18 години, но само доколку ги исполнуваат условите за засновање работен однос, согласно општите прописи за работни односи.
Во кои сектори ќе можат да се вработуваат сезонски работници?
Сезонските и повремените работници ќе можат да бидат ангажирани во повеќе економски гранки, како што се земјоделството, угостителството и услужните дејности.
Во земјоделството и шумарството, сезонските работници ќе може да се вклучат во активности како подготовка на земјиште, садење, сеење, жнеење, наводнување, заштита на растенија, берба на овошје и зеленчук, управување со земјоделски машини, одгледување стока, пасење и слични задачи.
Во угостителскиот сектор, сезонските работници ќе може да се вклучат како келнери, шанкери, готвачи, собари, доставувачи на храна, аниматори и хостеси.
Домаќинствата, пак, ќе може да ангажираат сезонски работници за чување деца, грижа за стари лица, чистење на домови и одржување на заеднички станбени простории.
Ограничувања и права на сезонските работници
Еден од клучните аспекти на законот е поставување јасни граници за работниот ангажман на сезонските работници.
Домаќинствата, земјоделците и угостителите ќе можат да ангажираат работници за најмногу 120 дена во текот на една календарска година.
Поединечно, едно лице може да работи најмногу 60 дена како сезонски работник или 60 дена како повремен работник, но не повеќе од 15 дена во еден месец.
Дополнително, се воведуваат и ограничувања за работодавачите – тие ќе можат да ангажираат најмногу 10 сезонски работници истовремено, но не повеќе од 10% од вкупниот број на вработени.
Работодавачите исто така нема да смеат да ангажираат лица кои биле вработени кај нив во претходната година, освен ако станува збор за лица кои се пензионирале или добиле семејна пензија.
Работни услови и финансиски надоместоци
Сезонските работници ќе имаат право на соодветен финансиски надоместок кој мора да биде исплатен на нивната трансакциска сметка најдоцна пет дена по завршувањето на работниот ангажман.
Исплатата на плата во готово нема да биде дозволена, што треба да спречи непријавена работа и затајување данок.
Минималниот основен нето паричен износ по час нема да смее да биде понизок од минималната плата пресметана на часовна основа, што ќе ја утврдува Министерството за економија и труд.
Работниците ќе имаат право на дневна пауза, како и на неделен одмор, во согласност со законските прописи.
Работодавачите ќе бидат обврзани да уплаќаат данок на личен доход, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, како и здравствено осигурување за повреда на работа.
Контрола и санкции
За да се спречи злоупотреба на системот, надзор над примената на законот ќе вршат Агенцијата за вработување и Управата за јавни приходи.
Ќе се формира специјален регистар во кој ќе бидат евидентирани сите сезонски и повремени работници, а се предвидува и дигитална платформа за плаќање на даноците и придонесите.
Работодавачите кои нема да ги почитуваат одредбите на законот ќе се соочат со високи казни, а на работниците ќе им биде гарантирано право на жалба во случај на злоупотреби.
Што велат работодавачите и работниците?
Според Ребека Сиљановска, сопственичка на мал хотел во Скопје, новиот закон може да помогне во решавање на проблемот со недостаток на сезонска работна сила.
„Досега ангажиравме работници без договор, бидејќи процедурите беа комплицирани и скапи. Ако сега процесот се олесни, ќе бидеме први што ќе ги пријавиме работниците“, вели Сиљановска.
Од друга страна, студентот Давид Јовановски смета дека законот е позитивен, но предупредува дека треба да се обезбеди реална заштита на сезонските работници.
„Многумина ќе ја прифатат оваа можност, но ако не се почитуваат правата, тогаш тоа нема да биде придобивка за нас“, вели тој.
Според експертите, овој предлог-закон носи значајни промени во областа на сезонската и привремената работа, овозможувајќи поголема правна сигурност и за работниците и за работодавачите.
Доколку се спроведе правилно, може да придонесе за намалување на неформалната економија и зголемување на социјалната заштита на најранливите категории граѓани.
Б.З.М.