3 мај, 2024
ПочетнаАВТОБИЗНовиот Nissan Qashqai (фото+видео)

Новиот Nissan Qashqai (фото+видео)

Со објавувањето на фотографиите и техничките детали, „Nissan“ ја претстави втората генерација на моделот „Qashqai“. Автомобилот ќе пристигне во продажните салони во јануари 2014-та година, а ќе се произведува во Велика Британија.

Реставрацијата на „crossover“ и „SUV“ автомобилите на „Nissan“ започна со моделот „X-Trail“, а продолжи со лансирањето на новиот „Qashqai“. Како што и се очекуваше, „Qashqai“ навистина потсетува на новиот „X-Trail“ со оглед дека двата модели се стилски засновани на концептот „Hi-Cross“.

Новиот „Qashqai“ е 20 милиметри поширок, 49 милиметри подолг и 15 милиметри понизок од својот претходникот, и може да се пофали со впечатлив дизајн благодарение на новите заоблени линии. Покрај тоа, новиот „Qashqai“ носи и иновации во класата, како што се предни светла целосно изработени со „LED“ технологија, кои не само што произведуваат поквалитетна светлина, туку користат и 50 проценти помалку електрична енергија.

„Nissan“ гордо најавува дека „Qashqai“ има коефициент на отпор на воздухот од само 0.32 Cd, и дека инженерите и дизајнерите посветиле многу внимание на овој елемент, како би се намалила потрошувачката и би се зголемила и подобрила рафинираноста на автомобилот во целост.

Секако, многу внимание е посветено и на практичноста – „Qashqai“ нуди 430 литри зафатнина на багажниот простор (20 повеќе од досегашниот модел) а вратата на багажниот простор се отвора 150 милиметри повисоко, со цел полесен пристап до багажникот.

Во понудата, очекувано, ќе се најдат бензински и дизел агрегати. Кај бензинските ќе се најдат 1.2-литарскиот DIG-T со турбо-полнач и 115 коњски сили и 190 Nm, како и 1.6-литарскиот DIG-T, исто со турбо полнач, но со 150 коњски сили и 240 Nm вртежен момент. И за двата мотори „Nissan“ најавува идентична, ниска потрошувачка од само 5.6 литри на 100 изминати километри, но 1.2-литарскиот ќе има емисија од 129 грама CO2 на изминат километер, додека кај поголемиот таа изнесува 132 грама CO2 на изминат километар.

За љубителите на дизел-моторите, тука се 1.5-литарскиот dCi со 110 коњски сили и 1.6-литарскиот dCi со 130 коњски сили. Првиот ќе има емисија од само 99 грама CO2 на изминат километар и потрошувачка од импресивни 3.8 литри на 100 изминати километри, додека поголемиот ќе има емисија од 115 грама CO2 на изминат километар и потрошувачка од 4.4 литри дизел на 100 изминати километри.

Сите мотори ќе се нудат со старт/стоп технологија и други технологии за намалување на потрошувачката, а во понудата ќе се најде и „Xtronic“ автоматскиот менувач кој е базиран на „CVT“ технологија.

Како што на почетокот споменавме новиот „Nissan Qashqai“ ќе се појави на пазарот на почетокот на 2014-та година. Според првите впечатоци, можеме да очекуваме овој автомобил да го повтори успехот на својот претходник кој беше продаден во над 2 милиони примероци.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП