6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКратки вести од светот

Кратки вести од светот

Белград – Од 31 банка во Србија, 19 ги намалиле ратите на кредитите кои се незаконски зголемени. Од 31 банка, кои пред стапување во сила на Законот за заштита на корисниците на финансиски услуги ги зголемувале ратите поради променливите каматни стапки, 19 се согласиле да ја намалат главницата на кредитите, сооопшти Народна банка на Србија. Кај банките со помал број на вакви позајмици намалувањето било еднократно, додека банките со значаен износ на кредити се определија на рати да ги намалат обврските на клиентите.

Белград – И покрај стравот на угостителите поради најавеното зголемување на ДДВ, во центарот на Белград се градат дури пет хотели, пишуваат „Вечерње новости“. Државата најави зголемување на ДДВ на хотелските услуги од 8 на 20 отсто, поради што хотелиерите се сериозно загрижени. Меѓутоа, и покрај ваквите лоши вести, во центарот на Белград се градат дури пет нови хотели – „Нобел“, „Стари млин“, „Џамп ин“, „Градски хотел“ и „Арго“.

Подгорица – НАТО ќе помогне во развојот на црногорското стопанство, изјави во  Брисел црногорскиот министер за земјоделство и рурален развој Петар Ивановиќ по средбата со помошникот генерален секретар на Алијансата за нови безбедносни предизвици, Сорино Дукару. На средбата станало збор за ангажманот на НАТО во некои проекти при кои крајни корисници би биле земјоделските производители. – Тоа би биле проекти кои би го поврзувале НАТО со земјоделството во Црна Гора, било да се работи за деминирање или за отстранување на одредени супстанции кои можат долгорочно да влијаат на квалитетот на земјиштето во Црна Гора, истакна Ивановиќ.

Љубљана – Во 10 словенечки банки се спроведуваат стрес тестови за сеопфатен преглед на квалитетот на средствата. Како што соопшти централната Банка на Словенија со проверката се опфатенти НЛБ, НКМБ, „Абанка“, „Горењска банка“, „Банка Цеље“, „Уникредит банка на Словенија“, „Хипо Алпе Адриа“, „Рајфајзен банка“, „Пробанка“ и „Фактор банка“. Последните две, во согласност со постапката за прекин на работата, од септември се проверуваат во ограничен обем.

Берлин – Германскиот производител на спортска облека „Адидас“ наведе дека силното евро влијаело на профитот во третиот квартал, но компанијата ќе ја задржи прогнозата за профитот за цела година. – На нашето работење во третиот квартал негативно влијаеа сериозните валутни турбуленции, изјави извршниот директор на компанијата Херберт Хајнер. Во периодот јули-септември, нето профитот на „Адидас“ опадна за осум отсто на 316 милиони евра. Бруто профитот е намален за шест отсто на 463 милиони евра, а приходите за седум проценти на 3,87 милијарди евра.

Амстердам – Американска организација за заштита на правата на потрошувачите, која имала увид во предлогот на „Гугл“ за надминување на спорот кој против компанијата го покрена Европската комисија, оцени дека тој ни најмалку не придонесува за решавање на клучниот проблем. Од друга страна, Европската комисија, која иницира судска постапка против „Гугл“ поради злоупотреба на доминантната позиција во пребарувањето и огласувањето на Интернет, оцени дека предлгот е значително подобар во однос на претходната верзија.

Берн – Бројот на милијардери во светот достигна нов рекорд во 2013 година, а најголем раст е забележан на азискиот континент. Во светот бројот на милијардери од јуни минатата година до јуни 2013 година е зголемен за 0,5 отсто на 2.170, се наведува во извештајот на швајцарската банка УБС и агенцијата од Хонг Конг Велт-Икс. Во студијата исто така се наведува дека богатството на милијардерите во светот во наведениот период се зголемило за 5,3 отсто. На азискиот континент на годишно ниво заклучно со јуни 2013, бројот на милијардери е најмногу зголемен. Бројот на нови азиски милијардери се зголемил за 18 отсто, а нивното богатство за 13 проценти.

Њујорк – Вредноста на акциите на социјалната мрежа „Твитер“ на крајот на првиот ден од нивното тргување на Њујоршката берза достига 44,94 долари, што претставува раст од 73 проценти во однос на нивната почетна цена од 26 долари за акција. На првиот ден од котацијата на Волстрит вредноста на акциите на „Твитер“ во некои моменти надминуваше и 50 долари, но на крајот на работниот ден таа се стабилизира на 44,94 долари. Со пуштањето во промет на 70 милиони акции на Њујоршката берза, „Твитер“ заработи 1,82 милијарди долари, со што вредноста на компанијата достига околу 14 милијарди долари. Оваа сума е многу под врендоста на „Фејсбук“, која беше проценета на 80 милијарди долари при првата котација на нејзини акции на берзата во мај 2012 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП