26 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Народот штеди на гориво, а тие си водат лимузински живот“ – граѓаните...

„Народот штеди на гориво, а тие си водат лимузински живот“ – граѓаните бесни на пратениците

Предлогот на Левица за ограничување на патните трошоци на пратениците не успеа ниту да дојде на дневен ред во Собранието, а оваа одлука, очекувано, предизвика реакции кај јавноста.

Граѓаните со години наназад реагираат на начинот на кој народните избраници ги користат средствата од буџетот, а неуспехот на иницијативата уште еднаш ги потврди сомнежите дека ваквите привилегии тешко се укинуваат.

Што предлагаше Левица?

Предлог-законот што го поднесе Левица предвидуваше патните трошоци да се пресметуваат според пазарната цена на горивото, а пратениците да добиваат надомест според реалната потрошувачка – 6,5 литри гориво на секои 100 километри.

Ваквиот предлог требаше да стави крај на, како што велат од оваа партија, „неоправданото богатење на пратениците преку фиктивни патни трошоци“.

Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, во своето образложение посочи дека јавноста одамна ја артикулира потребата од ограничување на овие трошоци, а нивната постојана злоупотреба директно влијае на довербата во Собранието и во политичкиот систем воопшто.

Пратениците поделени околу иницијативата

Иако Левица ја поднесе иницијативата, мнозинството во Парламентот не дозволи таа воопшто да биде разгледана. Дел од пратениците од владејачкото мнозинство, особено од партијата ЗНАМ, ваквите предлози ги нарекоа „популистички“.

Пратеничката Даниела Белимова од ЗНАМ истакна дека некои од нејзините колеги не користеле патни трошоци, но и дека надоместокот кој се исплаќа не е доволен за целосно покривање на реалните трошоци за транспорт.

„Само еден колега од нашата пратеничка група за седум месеци доби околу 30.000 денари за гориво, патарини и амортизација, што е значително помалку од вистинските трошоци“, рече Белимова.

Сепак, од СДСМ гласаа во прилог на предлогот на Левица, истовремено обвинувајќи ги ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и коалицијата Вреди дека со своето гласање го покажале „вистинското лице“.

Социјалдемократите предложија алтернативно решение – законски измени со кои би се вовеле построги казни за злоупотреби на патните трошоци и ограничувања за пратениците кои имаат станови во Скопје да не можат да наплаќаат трошоци за патување.

Граѓаните бесни: „Не сакаат да се откажат од привилегиите“

Откако беше јасно дека иницијативата нема да добие поддршка, реакциите на граѓаните на социјалните мрежи не изостанаа.

Мнозинството ја осуди одлуката на парламентот, сметајќи дека пратениците упорно ги штитат сопствените привилегии, наместо да ги штедат парите на граѓаните.

„Во која друга држава пратениците имаат вакви луксузни трошоци? Обичните луѓе едвај врзуваат крај со крај, а тие си наплаќаат фиктивни километражи“, пишува еден корисник на социјалните мрежи.

Друг граѓанин додава: „Да се намали лимузинскиот живот на пратениците, тогаш ќе видиме кој навистина сака да работи за народот, а кој е таму само за привилегии“.

Повеќето реакции се во насока дека транспарентноста и контролата врз јавните финансии мора да се зголемат, особено кога се знае дека за патни трошоци на пратениците се потрошиле милиони евра во изминатите години.

Колку чини овој привилегиран систем?

Според една анализа објавена пред пет години во периодот од 2015 до 2019 година, за патни трошоци на пратениците биле исплатени речиси три милиони евра.

Ова покажува дека овој трошок континуирано „цеди“ огромни суми од собранискиот буџет, средства кои граѓаните сметаат дека можеле да бидат искористени за многу поважни потреби, како што се здравството и образованието.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП