20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОтворено со Катастарот од понеделник

Отворено со Катастарот од понеделник

Од понеделник, 11 ноември, почнува акција „Отворено со Катастарот“ што на граѓаните, традиционално, седма година по ред, ќе им овозможи полесно да ги надминат евентуалните проблеми од оваа област, како и да се запознаат со новините во работењето на Агенцијата.

Како што соопшти денеска директорот Славче Трпески, акцијата вообичаено ќе ги опфати сите општини. Стартува во Скопје, Кисела Вода и Ѓорче Петров, продолжува во Дебар, Берово, Кавадарци, Неготино,…, а завршува во Тетово и Гостивар на 2 и 3 април идната година.

– Лани во рамки на акцијата дојдоа преку 3.000 граѓани од кои на повеќе од 300 или на околу 10 отсто им беа решени предметите. Другите од нашите стручни тимови добија соодветни совети за што побрзо остварување на правата пред другите институции, истакна Трпески.

Според него, годинава не се очекува зголемување на процентот на решавањето на предметите, но Агенцијата сака да слушне со какви проблеми се соочуваат граѓаните зашто Катастарот интензивно ги спроведува дигитализацијата и другите масовни процеси за модернизација.

Одговорајќи на новинарско прашање, диркеторот информира дека за околу една година треба да почне масовната проценка на земјиштето и да профункционира регистарот на цени што ќе овозможи точно да се знае колку чини секоја недвижност, станбен објект, градежно или земјоделско земјиште.

Регистарот на цени ќе биде јавно достапен до сите заинтересирани, а методологијата за нивно утврдување ќе ја одобри Владата.

– Кој било граѓанин или фирма ако сака да купи недвижност нема информација колку таа чини, се остава на понудувачот да каже. Но, со масовната проценка и регистарот, ќе се знае почетната цена на секоја недвижност. Цената ќе биде променлива зависно од пазарот, некогаш ќе се зголемува и обратно. Но, ќе се знае колку чини некој стан или друг вид недвижност. Останатото се остава на договорните страни, рече Трпески и додаде дека на секој договор за купопродажба што доаѓа во Катастарот ќе се запишува и вредност, оданочената и онаа запишана во договорот.

Катастарот продолжува да работи на севкупна дигитализација со цел побрзо и поефикасно работење во функција на граѓаните и бизнис секторот. Како што најави директорот, скоро ќе биде распишан и тендер за проектот скен центар.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП