25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтановите во „Џевахир скај сити“ од 1.100 евра до 3.000 евра за...

Становите во „Џевахир скај сити“ од 1.100 евра до 3.000 евра за квадрат

Утре почнува продажбата на 688 станови во двете од четирите висококатници во резиденцијалниот комплекс „Џевахир скај сити“ на турскиот инвеститор „Џевахир холдинг“ во скопската општина Аеродром.

– Најниската цена за метар квадратен ќе изнесува 1.100 евра, а за ограничен број станови највисоката цена ќе биде 3.000 евра за метар квадратен. Цената ќе биде променлива и ќе зависи од  типот и местоположбата на становите, информира денеска на прес-конференција Есер Џевахир, генерален директор на Џевахир Холдинг.

Веќе се утврдува и цената што ќе се плаќа за техничко одржување, а употребата на базените, спортските центри и останатите рекреативни простории ќе биде бесплатно.

Според Џевахир, најбарани се становите на 39-от и 40-от кат. Таму има само по три стана, од типот 3+1 и 2+1. Имаме различни варијанти и ако има специјални барања може да се направат вкупно 15 стана, наведе Џевахир.

Тој смета дека ќе има доволен интерес за становите затоа што, како што рече, примениле нов концепт за целиот проект. Во преговори се  и за банкарски кредити, за што наскоро најавуваат и соодветни пакети.

Структурната градба во двете згради каде се на продажба становите е веќе завршена, а сопствениците на станови ќе можат да се вселат во декември 2015 година.

Тим за продажба на компанијата секој ден од утре ќе биде на располагање за информации на условите во становите и цената, а такви информации ќе може да се добијат и преку кол центарот на компанијата и на интернет. Во следните недели во изложбениот салон ќе биде претставен прототип на становите.

Завршувањето на првите две кули е планирано за декември 2015, трговскиот центар во првата половина на 2016 година, а целиот проект најдоцна до 2017.

Со проектот на „Џевахир холдинг“ е предвидена изградба на четири висококатници, што претставува една од најголемите инвестиции во градежниот сектор во Македонија во износ од 100 милиони евра. Во станбениот комплекс се предвидени станови со вкупен капацитет за околу 5.000 луѓе.

Од целиот комплекс 5.600 метри квадратни се наменети за спортски и рекреативни терени, 3 базени за сите сезони, фитнес и аеробик сали. Комплексот, според компанијата, ќе има 24 часовно обезбедување и набљудување на заедничките простории и пристап со картичка до апартманите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП