Д-р Доналд Грант, општ лекар и клинички консултант, предупредува дека малите здравствени проблеми не треба да се игнорираат бидејќи тие може да укажуваат на посериозни состојби.
Тој особено ги истакнува промените во зачестеноста на одење во тоалет, тврдејќи дека, иако тоа може да изгледа нормално, може да укажува и на дијабетес.
„Пречестото мокрење, познато како полиурија, може да биде знак за дијабетес. Телото се обидува да се ослободи од вишокот гликоза преку урината, а честото будење навечер за да уринира може да биде еден од првите симптоми“, објаснува тој на Daily Express.
Наглото влошување на видот е уште еден знак на кој треба да се обрне внимание.
„Покаченото ниво на шеќер во крвта може да ги оштети крвните садови во мрежницата, што може да доведе до дијабетична ретинопатија, која се манифестира како заматен или искривен вид“, предупредува д-р Грант.
Неочекуваното губење на тежината може да биде и сигнал за дијабетес бидејќи телото, не можејќи да ја користи гликозата од храната, почнува да ги користи сопствените резерви на масти и мускули за енергија.
Д-р Грант ги поврзува честото мокрење и необјаснето губење на тежината како рани знаци на дијабетес.
„Зголемената жед често е резултат на губење на течности преку често мокрење, додека зголемениот апетит може да биде резултат на проблеми со инсулинот што ја спречува правилната конверзија на гликозата во енергија“, вели тој.
Тој исто така истакнува дека неочекуваното слабеење треба да биде сигнал за посета на лекар бидејќи може да доведе до други здравствени компликации.
Покрај овие симптоми, дијабетесот може да се крие зад габични инфекции, еректилна дисфункција или чести главоболки, иако овие симптоми може да укажуваат и на други состојби. Д-р Грант заклучува дека раното препознавање е клучно за спречување на сериозни компликации, како што се откажување на бубрезите, срцеви заболувања и губење на видот.