„Toyota Motor Company“ е светски лидер во продажбата на возила петта година по ред, благодарение во голема мера на големата продажба на хибридни возила.
„Toyota Motor“, групацијата која ги вклучува производителот на мини автомобили „Daihats“ и производителот на камиони „Hino“, продаде 10,82 милиони возила минатата година, што е за 3,7 отсто помалку од 2023-та година, се вели во соопштението на „Toyota“.
Јапонската групација успеа да го надмине најголемиот ривал, германскиот „Volkswagen“, кој продаде 9,03 милиони возила минатата година, пренесува новинската агенција Кјодо.
„Toyota“ продаде 10,16 милиони автомобили во 2024-та година, што е за 1,4 отсто помалку од минатата година, откако беше принудена накратко да го запре производството на некои модели поради скандалот со сертификација во Јапонија. Продажбата на „Toyota“ во Јапонија падна за 13,8 отсто на годишно ниво, на 1,44 милиони возила.
Гледајќи го регионот, продажбата на автомобили на „Toyota“ во Северна Америка се зголеми за 4,3 отсто на годишно ниво, на 2,73 милиони автомобили, додека продажбата во Европа се зголеми за 3,6 отсто на 1,17 милиони единици.
Спротивно на тоа, продажбата во Кина падна за 6,9 отсто на годишно ниво на 1,78 милиони возила поради жестоката конкуренција на тој пазар.
Продажбата на хибридни возила на „Toyota“ се зголеми за 21,1 отсто минатата година на 4,14 милиони возила, поттикната од побарувачката на клучните пазари како Северна Америка и Европа. Продажбата на електрични возила на „Toyota“ се зголеми за 34,5 отсто на 139.892 возила.