Во време на зголемени животни трошоци, многу Македонци се одлучуваат да бараат дополнителни извори на приходи, комбинирајќи ги редовните обврски со различни активности.
Од работа преку интернет до занаети и продажба на производи, секојдневието на многумина добива нова динамика.
Утрински старт со стратегија
„Денот ми започнува со кафе и проверка на нарачките од претходниот ден,” раскажува Анета Јовановска, која продава рачно изработен накит преку социјалните мрежи. „Планирањето е клучно. Важно е да си поставам реални цели за тоа што можам да постигнам до вечерта“.
За Анета, времето помеѓу 6 и 9 часот наутро е најпродуктивно. Додека нејзините деца се подготвуваат за училиште, таа веќе пакува пратки за испорака и поставува нови објави на својот профил.
Според неа, добро организиран почеток на денот прави огромна разлика.
Денот меѓу работното време
Многу Македонци, како и Александар Самарџиќ, кој работи како ИТ-специјалист во голема фирма, ја користат паузата за ручек за дополнителни активности.
„Имам мал онлајн бизнис за продажба на електронски додатоци. За време на паузите, ги следам порачките и одговарам на прашања од клиенти“, објаснува тој.
Александар додава дека неговата втора работа му овозможува финансиска стабилност, особено за семејни патувања или за непредвидени трошоци.
„Времето во канцеларија е ограничено, но кога си посветен, можеш да направиш многу и за еден час“, вели тој.
Вечерен ангажман
По завршување на редовното работно време, многумина ја насочуваат својата енергија кон дополнителни проекти.
За Лидија Крстевска, вечерта е посветена на онлајн часови по англиски јазик.
„Работам со ученици од целиот свет, а бидејќи повеќето живеат во различни временски зони, вечерните часови се совршени за оваа работа“, вели Лидија.
Таа додава дека е важно да се постават јасни граници меѓу редовната и дополнителната работа за да не дојде до прегорување.
„Понекогаш е заморно, но кога гледам како напредуваат моите ученици, сè ми се исплати“, посочува нашата соговорничка.
Инспирација за другите
Социјалните мрежи играат голема улога во инспирацијата на многумина да започнат нешто свое.
Марко Тодоров, кој заработува од продажба на природни производи, вели:
„Мојата мотивација доаѓа од успешните приказни што ги гледам секој ден. Не е лесно, но со малку труд може да се постигне многу“.
Марко верува дека дисциплината е клучна.
„Ако си добро организиран, можеш да завршиш сè без да го запоставиш семејството или здравјето“, посочува тој.
Б.З.М.