Според истражувањата, печениот грав не само што може да помогне во намалувањето на холестеролот и да го заштити срцето, туку може да придонесе и за одржување на здрава тежина и регулирање на нивото на шеќер во крвта.
Нутриционистите ја препорачуваат оваа храна како брз, здрав и достапен избор. Диететичарката Хелен Бонд изјави за „The Telegraph“: „Конзервираните печени гравчиња се одлични бидејќи ги содржат сите корисни хранливи материи од гравот и сосот. За брз оброк, гравот е поевтин и похранлив од другите готови оброци и брзата храна, кои често се полни со сол и нездрави масти“.
На пример, една порција тавче грав (околу половина лименка) содржи приближно 168 калории и исто така е богат извор на протеини и влакна. Имено, влакната се клучни за здравјето на дигестивниот систем и срцето. Бонд истакнува дека половина лименка грав обезбедува дури 8 грама влакна, што е 27% од дневниот препорачан внес.
Диететичарот Никола Лудлам-Рејн, исто така регистриран диететичар, додава: „Влакната не само што го поддржуваат здравото варење, туку помагаат и во регулирањето на нивото на шеќер во крвта и создаваат чувство на ситост, што може да ја олесни контролата на тежината. Покрај тоа, одредени растворливи влакна, како што се оние во гравот, овесот и јачменот, формираат супстанца слична на гел во дигестивниот систем која ја забавува апсорпцијата на шеќер и масти, вклучувајќи го и холестеролот“.
Студијата објавена во 2007-ма година во списанието „Nutrition Research“ покажа дека консумирањето на една чаша печен грав дневно во текот на осум недели може значително да го намали вкупниот холестерол во крвта кај луѓето со висок холестерол. Авторите на студијата заклучија дека вегетаријанската верзија на тавче грав може да биде корисна за луѓето кои сакаат да го регулираат холестеролот.
Покрај гравот, и сосот од домати има свои придобивки. Лудлам-Рејн истакнува дека витаминот Ц во доматите ја олеснува апсорпцијата на железото, кое е неопходно за транспорт на кислород во крвта. Покрај тоа, доматите се богати со ликопен, каротеноид кој го штити срцето, кожата и потенцијално од дијабетес и одредени видови на рак.
Експертите советуваат да се изберат верзии на грав без додадена сол и шеќер. Иако печениот грав се смета за ултра-обработена храна поради адитиви како модифицираниот пченкарен скроб, Лудлам-Рејн објаснува дека нутритивните придобивки, како што се високата содржина на растителни влакна и протеини од растително потекло, ги прават опција што не треба да се избегнува. Препорачливо е да изберете грав со едноставна листа на состојки, без вештачки конзерванси, бои и ароми.