Кризата во Германија и најавените зголемени царини за Европа од страна на новиот американски претседател Трамп не ги исплаши бизнисмените од најмоќната европска економија. Напротив, тие се решени со иста мера да вратат доколку се исполнат тие планови на новиот американски шеф на државата. А економската криза во Германија според очекувањата ќе треба да се стабилизира, а економијата да се нормализира најдоцна до крајот на оваа година. Ваквите случувања ги вознемири не само властите во земјава, туку и дел од бизнис заедницата почна со свои планови да даде соодветна одбрана на евентуални шокови кои би дошле од ваквите состојби предизвикани од надворешните влијанија.
Во Македонија има повеќе од 200 компании со германски капитал каде што работат близу 30 илјади граѓани на земјава. Тенденциојата на Германската стопанска комора и Македонското стопанско здружение е таа тенденција да расте. Со оглед на фактот што годинава навршуваат 25 години од соработката на македонските и германските компании планот е овој јубилеј да се искористи како мотив за постигнување на уште подобри резултати. Првично, предизвикот е обезбедувањето на квалификувана работна сила. Но исто така и заштитата на животната средина и климата, општествената одговорност и усогласеност не се само од клучно политичко и општествено значење, туку стануваат сè порелевантни и за стопанството.
„Денес, како никогаш порано, компаниите се соочени со предизвикот да ги направат своите деловни модели одржливи и во чекор со иднината. Не радува можноста оваа трансформација да ја реализираме заедно со вас. Достапноста на квалификувана работна сила е фактор кој е ставен на врвот на листата кога компаниите носат одлуки за инвестирање. Сакаме да дадеме активен придонес на ова поле со тоа што ја проширивме понудата за дуално стручно образование по германски терк, нудиме програма за едукација на млади, како и едукативна програма наменета исклучиво за жени во Северна Македонија“, велат од АХК Северна Македонија.
Од ова бизнис здружение јасно даваат до знаење дека транспарентноста е една од клучните работи кога станува збор доделувањето на државната помош, и секако привлекувањето на странските инвестиции, не само во Македонија туку и во сите останати држави од Западен Балкан. Високоиот број на германски компании во земјава е поради поддршка на инвеститорите и пред се формирањето на посебните индустриски зони, ТИРЗ. Податоците велат дека бројот на германските инвестиции во Македонија почна драстично да се зголемува во 2010 година и оттогаш постојано расте, што е клучен фактор за економскиот раст на државата.
„Во изминатите години, АХК Северна Македонија тесно соработуваше со македонската влада со цел да ја подигне свеста во Германија за Северна Македонија како локација со нејзините атрактивни услови за инвестирање. Во исто време ги поддржува потенцијални германски инвеститори при анализа на пазарот и основањето на компании во земјата, нудејќи им целосна поддршка. Досегашната соработка помеѓу македонската Влада и АХК Северна Македонија може да се оцени како мошне успешна, а доказ за тоа е моменталното присуство на повеќе од 200 германски компании кои вработуваат повеќе од 28.000 лица во земјата.“ додаваат претставниците на германските компании во земјава.

