Најавата на Мета доаѓа кога кинеската апликација TikTok, која има околу 170 милиони корисници во САД, се соочува со неизвесна иднина.
Американската технолошка компанија Мета најави лансирање на нова апликација за уредување видео наречена Edits, која по функционалност ќе биде слична на апликацијата CapCut на кинеската ByteDance.
– Денеска објавуваме нова апликација наречена Editsза сите кои се страстни за создавање видеа на своите телефони – изјави извршниот директор на Инстаграм, Адам Мосери.
Мосери нагласи дека Инстаграм е посветен на обезбедувањето на најдобрите алатки за креаторите, и покрај турбулентните случувања на пазарот.
Најавата на Мета доаѓа кога кинеската апликација TikTok, која има околу 170 милиони корисници во САД, се соочува со неизвесна иднина. Вчера напладне, Tiktok накратко беше недостапен во САД, но набрзо повторно се најде на интернет. Според американскиот закон, кинеската компанија ByteDance мораше да го продаде американскиот бизнис на Tiktok до 19 јануари за да избегне забрана од САД.
Мета е веќе познат по брзото прилагодување на пазарот. Кога TikTok беше забранет во Индија во јуни 2020 година, компанијата го лансираше Reels на Instagram, кој брзо стана популарен. Покрај тоа, во 2023 година ја лансираше социјалната мрежа Threads, која беше замислена како ривал на платформата X (поранешен Твитер), според извештаите на медиумите.
Технолошките портали шпекулираат дека многу креатори на видео ќе ја испробаат новата апликација Edits на Мета, особено ако немаат пристап до CapCut на ByteDance.