7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Белград – На работа во Србија најдолго чекаат стоматолозите, просечно пет години и пет месеци, а најкусо специјалисти за пластична хирургија кои работното место го добивааат за околу 73 дена. Меѓу кандидатите со факултетска диплома, според октомвриските податоци на Националната служба за вработување, на работа долго чекале професори по општонародна одбрана, дури 1.752 дена, но и историчари и социолози. Со високо образование до работа истовремено брзо доаѓале педијатри, анестезиолози и фармацевти.

Загреб – Хрватска идната година ја чека ново задолжување и најверојатно ќе и биде потребна и помош, изјави хрватскиот министер за финансии Славко Линиќ, додавајќи дека во соработка со ММФ условите за кредитирање можат да бидат многу поповолни. Тој потенцира дека аранжманот со ММФ не треба да се отфрли, истакнувајќи дека таа одлука ќе ја донесе Владата. Линиќ потсети дека пензиите над 5.000 куни, кои се стекнати според посебни прописи, ќе бидат намалени за 10 отсто, наведувајќи дека само пензиите од работа ќе бидат усогласени со индексот на растот на трошоците.

Дубровник – Еден од најголемите светски туроператори „ТУИ УК“ е заинтересиран за влез во хрватскиот туристички сектор, а посебно за сместувачките капацитети, како што е комплексот Купари кај Дубровник, најави хрватскиот министер за туризам Дарко Лоренцин, по состанокот со претставниците на компанијата. Тој истакна дека на Хрватска и недостасуваат хотелски капацитети, па во времето кое следи ќе биде неопходно да се изградат нови капацитети и да се зголеми растот на прометот во оваа дејност.

Љубљана – Најбогат Словенец трета година по ред е Санди Чешко, чиј удел од 60 отсто во „Студио Модерна“ се проценува на 460,4 милиони евра. Ревијата „Менаџер“ секоја година објавува листа на најбогати Словенци, а богатството на мнозинскиот сопственик на „Студио Модерна“, кој ги поседува душеците „Дормео“ и ТВ продажбата „Топ шоп“ е 12 отсто поголемо од ланската година. Од ланската година најмногу е зголемен имотот на сопружниците Албин и Татјана Добершек и тоа за дури 118 отсто. Со проценета вредност од 274,3 милиони евра оваа година тие се на второ место.

Љубљана – Банките во Словенија во првата половина на оваа година на фирми им одобриле речиси една третина помалку кредити во однос на истиот период лани. Во првите шест месеци словенечките банки одобриле кредити во вкупен износ од 3,1 милијарда евра, додека истовремено одбиле 58,3 отсто молби за инвестициски кредити, 30,6 отсто молби за кредитирање на тековното работење, како и 7,4 отсто молби за кредитирање на реструктуирањата на фирмите, пренесе љубљанскиот весник „Дневник“.

Брисел – Продажбата на мало во еврозоната е намалена во септември за 0,6 отсто во споредба со август, соопшти европската статистичка служба. Новиот податок на Еуростат, објавен еден ден пред Еврооската централна банка да одлучи за намалување на каматите, се толкува како уште еден знак дека економското зајакнување на Европа е успорено. Истовремено, компанијата „Маркит“, која објавува финансиски информации, информира за пад на индексот за набавки за потребите на стопанството (ПМИ) во октомври.

Лондон – Изработката на монетите на еден евро цент чини повеќе од што изнесува нивната номинална вредност, пренесе Би-Би-Си. Италијанските пратеници негодуваат поради цената за изработка на монетите од еден евроцент, кој како што тврдат, изнесува дури четири евро центи. Левичарскиот пратеник Серџо Бокадутри рече дека математиката не е подобра, ниту со монетите со поголема номинална вредност. Така изработката на монетите од два евро центи чини 5,2 евро центи, а на оние од пет евро центи чини 5,7 евро центи. Бокадутри тврди дека неговата пресметка покажува дека италијанската државна печатница за пари од 2002 година, кога еврото стана официјална валута, потрошила 362 милиони евра на изработка на пари чија номинална вредност е 174 милиони евра.

Рим – Директорот на „Мајкрософт“, Стив Балмер вели дека неговата компанија мора да го освежи работењето, за да не застаре и да се одржи во секторот на мобилната телефонија. – Ни се чини дека мораме да почнеме од ново, изјави Балмер на конференцијата во Рим, на која објави дека Италија стана прва земја во која телефоните на „Мајкрософт“ се попродавани од „Ајфоните“. – Ако константно не измислуваш нешто ново, стануваш застарен и преморен, изјави Балмер.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП