Вишокот тежина, особено околу половината, може негативно да влијае на здравјето на срцето поради неговата поврзаност со високиот крвен притисок, холестеролот и лошата исхрана.
Но, дали знаевте дека масните наслаги на вратот може да се поврзат и со состојбата на вашето срце?
Една нова студија, објавена во Nutrition Journal, откри изненадувачка врска помеѓу дебелината на вратот и здравјето на срцето.
Поточно, истражувачите откриле дека мерењето на обемот на вратот може да „ја подобри способноста да се предвиди ризикот од срцева слабост кај поединци“.
Тие, исто така, го испитуваа индексот на телесна маса (БМИ) и индексот на висцерална маснотија – мерка за откривање на прекумерни количини на длабоки стомачни масти. Резултатот на пресек на сите методи беше значаен показател за ризикот од срцева слабост.
Студијата опфатила речиси 90.000 учесници на возраст од 18 до 80 години, кои биле ослободени од кардиоваскуларни болести на почетокот. Речиси 10 години овие лица биле следени преку анкети, додека кардиолозите укажувале на случаи на срцева слабост.
Следењето спроведено приближно пет години по студијата покажа дека оние со најголем обем на вратот, приближно поголем од 39 cm, се „значително поврзани со висок ризик од срцева слабост“.
Студијата покажа дека вишокот маснотии во пределот на вратот испушта различни хемикалии кои предизвикуваат воспаление, ги оштетуваат крвните садови и доведуваат до оксидативен стрес кој може да ги оштети клетките. Исто така, откриено е дека луѓето со поголем обем на вратот се повеќе склони кон опструктивни проблеми со спиењето, како што се апнеја и ‘рчењето.
Иако ‘рчењето или апнеја при спиење може да сугерираат дека големината на вратот е поврзана со ризикот од срцева слабост, студијата не заклучи дека ‘рчењето само по себе го зголемува ризикот од проблеми со срцето. Ова истражување не е првото што сугерира дека дебелината на вратот може да биде ран показател за здравствени проблеми.
Студијата од 2022 година објавена во списанието на Американското здружение за срце открила врска помеѓу обемот на вратот и зголемениот ризик од срцеви заболувања.
Американските научници открија дека пациентите со подебел врат имаат „многу поголема веројатност“ да страдаат од атријална фибрилација, состојба која се карактеризира со неправилно и забрзано чукање на срцето.
„Се покажа дека обемот на вратот е поврзан со зголемен кардиоваскуларен ризик. Постојат докази дека ослободувањето на слободни масни киселини од поткожното масно ткиво на горниот дел од телото е поголемо во споредба со поткожното масно ткиво на долниот дел од телото“, се наведува во студијата.
Слободните масни киселини се исто така поврзани со други сериозни болести, вклучително и рак и дијабетес тип 2. Познато е дека придонесуваат за отпорност на инсулин и оксидативен стрес, кои играат улога во развојот на срцева слабост.