Првиот автомобил од заедничкото вложување помеѓу „Sony“ и „Honda“ е подготвен за производство. Сепак, за почеток ќе се продава само во Калифорнија.

„Afeela“ е електричен автомобил, резултат на соработка помеѓу два јапонски гиганти од две индустрии, и конечно е достапен за претходна нарачка. Беа потребни пет години за да се дојде до оваа точка.
На прес-конференција на „CES“, „Sony Honda Mobility“ ги објави деталите за цените и пред-нарачката за „Afeela 1“.

Возилото ќе биде достапно во две варијанти: „Afeela 1 Origin“, која ќе чини 89.900 долари и „Afeela 1 Signature“, чија цена е 102.900 долари.
Двете цени вклучуваат тригодишна претплата за различни функции во возилото, вклучувајќи го и системот за помош на возачот Ниво 2+ и личен асистент со вештачка интелигенција.
Пред-нарачките започнаа пред неколку дена, а заинтересираните купувачи кои живеат во Калифорнија можат да стават повратен депозит од 200 долари за да го резервираат своето место во редот за купување.
Сè уште не е јасно дали и кога „Afeela“ ќе биде достапна во други американски држави, ниту кога ќе биде достапна ширум светот.

Опсег до 500 километри
Откриени се и нови технички детали, вклучително и проценет опсег на „EPA“ од околу 300 милји (480 километри), како и вградена поддршка за мрежата „Supercharger“ на „Tesla“.
Испораките на поскапиот модел „Signature“ ќе започнат во 2026-та година, додека клиентите ќе треба да чекаат до 2027-ма година за поевтиниот модел „Origin“.

Најновата верзија на прототипот, опишана како „речиси конечна“ од извршниот директор на „Sony Honda Mobility“, Јасухиде Мизуно, сè уште изгледа како комбинација од моделите на „Tesla“ и „Lucid Air“, со кратки настрешници преку тркалата и долгото меѓуоскино растојание.
Автомобилот има екрани низ целата ширина на контролната табла, 40 сензори и камери кои помагаат при полуавтономно возење, погон на сите тркала и навестувања за интегрирање на проширена реалност и „виртуелни светови“ како дел од искуството во возењето.
Како резултат на тоа, првиот влез на „Sony“ во автомобилскиот сектор е дизајниран да се натпреварува со некои од најсилните играчи во сегментот на луксузни EV.
Со својот глас го повика автомобилот на сцената
Мизуно покажа една од понапредните функции кога го повика возилото на сцената користејќи ја гласовната команда „Излези, ‘Afeela’“ преку неговиот телефон.
Тој, исто така, истакна дека тоа е „техничка демонстрација за оваа презентација“, така што не е сосема јасно дали гласовните команди ќе станат стандардна карактеристика во сериските модели.
Многу работи се променија откако „Sony“ првпат го претстави својот концепт „Vision“ во 2020-та година: побарувачката за електрични возила во САД вртоглаво порасна, потоа стагнираше и сега во голема мера се стабилизира.
Администрацијата на Бајден воведе дарежливи стимулации за купувачите на ЕВ, но новата администрација на Трамп може да ги укине. Покрај тоа, Кина стана водечки светски производител на електрични автомобили.
Овој последен фактор неодамна ја турна „Honda“ да се спои со „Nissan“ со цел поуспешно да се натпреварува со кинеските автомобилски компании во сегментот на електрични возила.